Во пресрет на дваесетгодишнината од воведувањето на еврото, челниците на Европската унија ја фалат заедничката валута како „симбол на единството, суверенитетот и стабилноста“.
„Еврото стана симбол на единството, суверенитетот и стабилноста… Убеден сум дека тоа е најважниот потпис којшто сум го ставил на хартија“, се наведува во писмената изјава од понеделникот на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, еден од потписниците на договорот со кој е втемелена заедничката валута на земјите членки на Европската унија.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, пак, го фали еврото како пресвртница во европската историја. „Создавањето на еврото пред 20 години, покрај ослободувањето на централна и источна Европа и обединувањето на Германија, е клучен момент од европската историја“, вели Туск.
И двајцата ја нагласуваат важноста од јакнењето на отпорноста на еврото на идни финансиски кризи. „Мораме да бидеме подготвени на она што иднината би можела да го донесе“, смета Јункер.
Еврото стана официјална валута на 11 држави членки на ЕУ на 1-ви јануари 1999 година, кога беше овозможено плаќање со чекови и кредитни картички, како и парични трансфери во евра. Банкнотите и кованиците од еврото беа пуштени во оптек во 2002 година.
Со еврото во моментов се служат 340 милиони граѓани во 19 од 28-те земји членки на ЕУ. Со тоа, еврото е втората најголема валута по американскиот долар. Уште 60 држави во светот, исто така, го употребуваат еврото или ја врзуваат својата валута со еврото.
„По дваесет години имаме генерација којашто го познава само еврото како домашна валута“, изјави претседателот на Европската централна банка (ECB), Марио Драги.