Новина за љубителите на бугарските зимски центри

Македонците не се откажуваат од зимување во угостителските капацитети што се нудат во Банско и Боровец во соседна Бугарија. И годинава, како и изминатите години, најголем интерес има за хотелите во овие зимски туристички центри, иако не помалку атрактивни се и сместувачките капацитети во соседна Србија, како Златибор и Копаоник.

Туристичките агенции со кои контактираше МИА велат дека трендот на зимување во Банско и Боровец продолжува и годинава и оти најмногу се патува во овие туристички центри во зимскиот период поради големиот избор на хотели и пристапни цени.

Цените на аранжманите за полупансион во хотелите во Банско се движат од 30 до 50 евра дневно во зависност од типот на хотелот, а слични се цените и во Боровец. Поевтино сместување со појадок и вечера може да се најде во хотелите во Пампорово, каде што се нудат аранжмани и за околу 20 евра.

  • Новина со која ќе се соочат македонските граѓани при патувањето во Бугарија е што од Нова Година е воведено електронско купување на налепниците за автомобили познати како вињетки кои досега можеа да се купат и на граница.

Цената на налепниците останува иста, но може да се купи викенд, неделна, тримесечна и годишна вињетка. Налепниците се купуваат на сајтот bgtoll.bg на кој информациите се на осум јазици. Плаќањето може да се изврши со кредитна или дебитна картичка, а преку сајтот е можен и трансфер на средства од банка. Системот овозможува е-вињетата да биде активирана со датум најмногу до 30 дена од моментот на купувањето, а автоматски се пресметува крајниот датум за валидност на вињетата. По добивањето на идентификациски број на трансакција за купена вињета, клиентот може да преземе потврда или да внесе маил адреса, на која ќе му биде испратена. Вињетата нема потреба да се испечати, ниту да се носи во автомобилот или да се покажува на контролните органи.

Доколку граѓаните решат да заминат на зимување во соседна Србија тогаш ќе треба да платат од 40 евра нагоре за полупансион во Копаоник и Златибор. Во овие туристички места се нудат и апартмани со целосно опремени кујни што може да се изнајмат и за околу 30 евра.

Помал е интересот за зимување во домашните туристички капацитети во Македонија, како што се Маврово, Берово и Крушево. Во Маврово во хотел полупансион чини околу 40 евра, а пониски се цените за во Крушево, каде што престој во хотел со полупансион може да се најде и за околу 20 евра.

Извор: МИА