Граѓани ќе ја тужат власта пред меѓународни судови поради повреда на човековите права со имплементација на Договорот од Преспа со којшто се менува името на Република Македонија.
Професорката од Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска на Фејсбук објави дека иницира правна акција во која што граѓаните ќе можат да покренат тужба против државата за кршење на човековите права.
„До сите загрижени Македонци кои ме прашаа како ќе се одвива овој процес на правна одбрана на Македонија еве ги одговорите: 1.Оваа битка нема никаква врска со ниту една партија. Оваа битка е и ќе биде надпартиска, народна и ја започнуваме веднаш. 2. Во битката ќе бидат повикани сите загрижени Македонци кои ќе имаат правна можност да ја тужат владата поради прекршување на основните човекови права кои се неприкосновени, како правото на самоопределување, правото на лично достоинство, на личен интегритет итн. Како и поради прекршување на Уставот и на меѓународното право. 3. Помош ќе биде побарана единствено за подмирување на судските такси и трошоците на застапниците на граѓаните пред судовите, се друго ќе биде сработено волонтерски. 4. По исцрпување на домашните правни лекови постапки ќе бидат покренати и пред европскиот суд за човекови права, комитетот на ООН за човекови права, т.н. “1503 постапка” пред Советот за човекови права на ОН, како и преку постапки покренати до специјалните известители на советот на оон за човекови права. 5. Колку повеќе луѓе се собереме во оваа акција за спас на Македонија толку поголем успех ќе имаме како народ. 6. Мораме да делуваме сплотени во заедничката мисија! 7. Ќе победиме!!!“, пишува професорката објаснувајќи го процесот.
Според Каракамишева – Јовановска, во меѓународното право забранети се договори склучени со употреба на сила, договори со кои се врши геноцид или се наметнува ропство, договори со кои се повредуваат човекови права, еднаквоста на државите или правото на народите на самоопределување.
„Договорот од Преспа е забранет согласно меѓународното право и тоа ќе го докажеме! Ќе ја тужиме власта поради повреда на нашите човекови права пред домашните и меѓународните судови! … Сите договори кои се во конфликт со jus cogens нормите како основни вредности на меѓународниот правен поредок се апсолутно ништовни од моментот на нивното потпишување – чл.53 од Виенската конвенција за договорното право“, пишува професорката.
Инаку, за 9-ти јануари е закажана собраниската седница која што треба да заврши со гласање по уставните измени кои произлегоа од Договорот од Преспа и кои ќе резултираат со промена на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија.
Премиерот Зоран Заев во моментов нема потврда дека има двотретинско мнозинство во Собранието.
Веројатно, како што е амбиентот во Македонија, и како што се одвиваат практично уставните промени, преку доставување на уставните амандмани, на чинот на гласањето ќе ја знаеме конечната бројка. Седницата е закажана за 9 јануари, дебатата трае не подолго од 10 дена и како што е најавено неприсуство на опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, веројатно таа ќе трае не повеќе од два-три дена. Не знам колку. Колку што пратениците ќе оценат, а чинот на гласање ќе биде како резултат на самата дебата, амандманите и задоволството на сите пратеници кои доставија амандмани и како резултат на севкупната верба, дека овој процес треба да го обезбедиме, изјави Заев одговорајќи на новинарски прашања по претставување на очекувањата за економијата во новата година.
Ќе сторам се до последен момент за да обезбедиме двотретинско мнозинство и тоа ќе го соопштиме на јавноста во моментот на гласањето, или ќе споделиме задоволство од тоа што е постигнато или ќе ја понесеме одговорноста на целиот фокус што го дадовме на интеграциите, додаде Заев, истакнувајќи дека е оптимист пред се, заради одговорноста на сите пратеници и на извршната власт, дека има одлични шанси процесот да заврши успешно.