
Во текот на хакерскиот напад врз бројни германски политичари во јавноста не доспеале чувствителни податоци од Кабинетот на премиерката, но владата нападот ги карактеризира како сериозен, соопштено е во петокот.
„Според моменталните податоци со коишто располагаме, меѓу податоците коишто се украдени нема чувствителни документи. Исто така, не се погодени ниту мрежите на Бундесверот“, изјави една од портпаролките на германската влада, Мартина Фјец.
Меѓу податоците кои се појавија на интернет преку една сметка на Twitter за која не се знае кому припаѓа и којашто во меѓувреме е затворена, се наоѓаше адресата со електронска пошта на канцеларката Ангела Меркел, како и бројот на телефаксот кој го користи канцеларката. Во мрежата од која се симнати податоците се наоѓале и многу броеви на мобилните телефони на министри.
Огромното количество податоци кои хакерите ги објавија на интернет се однесуваат на приватната коресподенција на стотици германски политичари на сите нивоа, но и на некои популарни јавни личности и на новинари. Меѓу оштетените личности од јавниот живот има многумина кои веќе биле жртви на радикални десни сили, како што е водителот Јан Боемерман. Меѓу другото биле објавени и приватни фотографии од семејни летувања.
Случајот во меѓувреме го разгледува и Главното јавно обвинителство, кое се вклучува во случаи кога постои закана за националната безбедност.
Според германските медиуми, симптоматично е што од сите пратенички групи во Бундестагот единствено не била засегната пратеничката група на евроскептичната и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD). Но тоа можеби е и целта на нападот, да се сврти вниманието кон крајно десната партија којашто за три години стана третата политичка сила во земјата и влезе во сите покраински парламенти, во пресрет на пролетните избори за Европскиот парламент.
Дека зад нападот, веројатно, стојат лица блиски на радикалната десна сцена претпоставува и уредникот на онлајн порталот специализиран за безбедност на интернет netzpolitik.org, Маркус Бекендахл.
Според информациите на јавниот сервис ARD, кражбата на податоците почнала уште кон средината на минатата година, и тоа како што се претпоставува, со хакирање на пристапот на софтверот за електронска пошта Outlook Express. Сручњакот на ARD за информатика, Патрик Генсинг, смета дека нападот немал конркетна политичка цел, туку само „ширење несигурност и страв“, имајжи предвид дека станува збор за исклучиво приватни податоци.
Сојузното бирот за информатика (BSI) потврди во меѓувреме дека ниту еден податок кој е објавен на спорниот профил на Twitter не потекнува од затворената мрежа на Бундестагот и на Кабинетот на канцеларката, туку од приватните електронски пошти, како и од социјалните мрежи. Порталот t-online ја пренесува изјавата на еден таканаречен „јутјубер“ кој тврди дека комуницирал со личноста којашто стои зад хакерскиот напад и кој тврди дека станува збор за дело на поединец кој сака да го привлече вниманието.
Во меѓувреме германските служби во петокот се обратиле до американската Агенција за национална безбедност (NSA) за помош во истрагата по хакерскиот напад, објави таблоидот Bild, повикувајќи се на неименувани извори.