
Полските власти ќе ги затворат сите ткн „ескејп рум“-ови (escape rooms) кои не се во согласност со безбедносните стандарди, најави во неделата премиерот Матеуш Моравјецки откако во пожар во една од ваквите атракции загинаа пет тинејџерки.
Пожарникарите во петокот во изнајмена куќа во градот Кошалин ги пронајдоа телата на 15-годишните тинејџерки откако го изгаснаа пожарот во собата која се наоѓала до просторијата во која влегле за прослава на роденден. Со аутопсија е утврдено дека тинејџерките се задушиле од чад. Во неделата е уапсен сопственикот на оваа атракција.
Во ткн „escape room“ корисниците се заклучени во соба и се натпреваруваат кој побрзо ќе реши загатки и задачи за да го пронајдат излезот. Прво станаа популарни во Азија, а потоа се проширија на Северна Америка и во Европа.
Полските власти во текот на викендот извршиле инспекции над најмалку 178 „ескејп рум“-ови ширум Полска, и заклучиле дека 129 од нив не ги задоволувале санитарните и безбедносните стандарди, објави шефот на државната противпожарна служба Лешек Суски. Додаде дека веднаш се затворени тринаесет локации.
„Ова е без преседан… неопходен е каков и да е вид превенција“, порача полскиот премиер Моравјецки пред новинарите и додде дека наредил извештај за околу 1.100 атракции од овој вид ширум Полска, како и дека владата ќе одреди дали е потребна измена на безбедносните регулативи.
Министерот за внатрешни работи Јоаким Бружински ги повика родителите да пријавуваат информации за можните кршења на безбедносните прописи во „escape room“-овите или на другите места каде што се забавуваат деца. „Санкциите мора да бидат строги“, се закани министерот.