Џафери обзнани: Законот за јазици стапува на сила

Тој месеци наназад јавно изјавуваше дека Законот ќе стапи на сила и покрај тоа што претседателот на државата, Ѓорге Иванов одбива да го потпише.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на својот профил на Фејсбук објави дека Законот за употреба на јазиците, е објавен во „Службен весник“.

Ова значи дека законот и официјално стапува на сила, по една година откао се усвои во Собранието. 

Џафери месеци наназад јавно изјавуваше дека Законот за јазиците ќе стапи на сила и покрај тоа што претседателот на државата, Ѓорге Иванов одбива да го потпише.

„Законот ќе се прогласи без потпис на претседателот, бидејќи тој одбива, а Уставот има соодветни одредби со кои ги обврзува сите носители на функции да го почитуваат Уставот и да не ги попречуваат другите институции во работата“, рече  Џафери, во интервју на телма уште во април.

Опозоциската ВМРО-ДПМНЕ тогаш реагираше дека доколку се објави Законот за јазици без потпис на Иванов, тоа ќе биде ново кривично дело на актуелната власт.

Објавувањето на законот во Службен весник, вчера го најави и Вицепремиерот Бујар Османи, во интервју за телевизија Алсат-м.

„Беше добра случајност што на истиот ден, 11 јануари, беше донесен Законот за употреба на јазиците, на 11 јануари се изгласаа и уставните измени. Но, она што е уште поубаво, е тоа што очекуваме следната недела, претседателот на Парламентот да го формализира Законот за употреба на јазиците, целосно ова во рамките на законот и Уставот, со што и почнува официјалната примена на албанскиот јазик во централните институции, во целосна вертикала на државни институции. Се разбира, тука почнуваат и предизвиците за правилно, сеопфатно спроведување и имплементација на стандарден јазик”, рече  Османи.