-3.2 C
Skopje
вторник, ноември 19, 2024

Jaнушев порача институциите на локално и централно ниво да го ингорираат Законот за јазиците

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите државни институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој неуставен и штетен закон, а доколку одговорните во институциите се соочат со какви и да се проблеми или закани, партијата и нејзината правна комисија им стојат на располагање за правна и секоја друга помош, изјави во текот на дебатата на телевиозијата Телма, генералниот секретар на опозициската партија, Игор Јанушев.

Јанушев уште еднаш потврди дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави против собранискиот спикер Талат Џафери, како и против директорот на Службен весник, поради тоа што опозицијатра е убедена за незаконско објавување на законите и злоупотреба на службена должност.

„Дополнително ќе поднесеме иницијатива за испитување на уставноста на законот за двојазичност до Уставниот суд. Со овој закон се урива уште еден темел на Република Македонија кој ги поврзуваше сите етнички заедници кои живеат тука. Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо. Зоран Заев наместо да се охрабри и да го распушти Собранието со цел организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, избега на луксузно зимување во германскиот ски центар Гармиш Партен Кирхен“, изјави Јанушев.

На прашањето за повикот за бојкот на примената на Законот за јазици, Јанушев одговори дека неговата партија ќе направи сѐ да ги врати овие штетни процеси онаму каде што треба да припаѓаат.

„Албанците заслужуваат да го употребуваат мајчиниот јазик, исто како и сите останати, Бошњаците, Србите, Ромите… сите оние кои живеат на територијата на Република Македонија. Еден ваков закон треба да се донесе со консензус, помеѓу сите политички субјекти и пред сѐ и над сѐ закон што ќе биде во согласност со Уставот и кој нема да биде во колизија со останатите закони и притоа ќе се испочитува целата законски пропишана постапка потребна за донесување на еден таков закон“, рече Јанушев.

Според него, начинот на носење на овој закон е криминален и со кршење на процедурите.

Јанушев потенцираше дека Владата сака да „создава право со неправо“, односно дека не може да се донесе Закон на неправилен, нелегитимен, незаконски и противуставен начин, а потоа да се бара тоа да се применува како право.

Генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, исто така, напомена дека обидот на Владата да престават во јавноста дека се за правна држава, се коси со сите чекори кои што ги превземаа во минатите две години, а истовремено и се обидуваат да ја дефокусираат јавноста дека прават реформи додека суштински реформи нема.