Сопственикот на комплексот „Космос“, бизнисменот Фијат Цановски, на денешното рочиште за случајот „Т.Н.Т.“ на СЈО, пред судот кажа дека уривањето било политичко и дека ќе бара отштета од државата и обвинетите. Посочи дека нивната штета според неколку вештачења кои биле направени изнесува околу 40 милиони евра.
Случајот се наоѓа во доказна и постапка и денешното рочиште продолжи со читање на доказите на сведоците Мери Станчевска, која е недостапна за органите на прогонот, како и од Трајко Трпевски кој починал во јули 2018 година.
Исказите од двајцата сведоци се однесуваат на рушењето на „Космос“, оти тие биле сопственици и вработени во дел од фирмите кои го уривале објектот.
Пред почетокот на судењето адвокатот Боро Тасески побара одлагање на рочиштето поради, како што рече, на минатото рочиште за дел од доказите биле побарани стручни лица да присуствуваат, а со цел да се запази редоследот на судењето. Тасевски, рече одбраната побарала од судот односно од општината контролен преглед за извршен инспекциски надзор од јуни 2018 година.
Судијата Огнен Ставрев, рече дека барањата се неосновани и дека судењето може да продолжи со доказна постапка по што продолжи со рочиштето.
Меѓу обвинетите во случајот се поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Бизнисменот Фијат Цаноски најави дека ќе бара отштета од 55 милиони евра, колку што ги цени неговите загуби од уривањето на станбено-деловниот комплекс.
МИА