Конфедерацијата на слободни синдикати денеска на првата прес-конференција годинава ги повтори барањата за усогласување на платите со минималната плата и за исплата на К-15 во јавниот сектор.
КСС повторија уште еднаш дека се и против трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор.
Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, рече дека нивните барања се’ уште не се исполнети иако е помината една година од протестот одржан во Скопје на 17 јануари минатата година и еден месец од последниот протест.
Според Ралповски, јавната администрација е дискриминирана и станува социјална категорија бидејќи просечната плата во јавниот сектор е 18 илјади денари.
Кога од овие 18 илјади ќе ги одземете храната и превозот, тогаш јавната администрација станува социјална категорија со социјални примања, рече Ралповски.
Од КСС посочуваат дека нивните барања се легитимни и во согласно со законите. Доколку не им се исполнат, најавуваат нов протест на 26 јануари во Штип.
Во однос на барањето на Синдикатот на УПОЗ за седумчасовно работно време и прогласување на 2 јануари и 2 мај за неработни денови, од КСС го поздравуваат ваквото барање, но сметаат дека во моментот има поприоритетни прашања од областа на работните права што треба да се решават.