Македонскиот шампион Вардар СЦБТ за наредната сезона ангажираше две нови ракометарки кои оваа сезона настапуваа во словенечкиот првак Крим Меркатор. Станува збор за хрватската репрезентативка Андреа Пенезиќ (28) и репрезентативката на Словенија Барбара Лазовиќ Варлец (26).
Според договорот, Андреа Пенезиќ (лев бек) ќе биде дел од екипата на Вардар СЦБТ сезоната 2014/2015, додека Барбара Лазовиќ (десен бек) потпиша договор на две сезони, и “црвено-црниот”дрес ќе го носи до крајот на сезоната 2015/2016.
Андреа Пенезиќ шест години по ред, од 2008 до 2013 година е прогласувана за најдобра ракометарка во Хрватска. Првак на Хрватска е со екипите на Локомотива Загреб и Подравка, а шампионската титула ја има освојувано и во Словенија, со тимот на Крим Меркатор.Како дел од екипите на Локомотива Загреб, Подравка и Крим Меркатор тринаесет години бележи настапи во европските купови. Најголемиот нејзин успех во Лигата на шампионите е полуфиналето со Крим Мерактор во сезоната 2012/2013, а сезнотата претходно, 2011/2012 е нејзината најефикасна во елитното натпреварување, кога има постигнато 78 погодоци.
Барбара Лазовиќ Варлец е освојувач на шампионската титула на Словенија со екипата на Крим Меркатор, како и титулата во шампионатот на Србија со екипата на Зајечар. Осум сезони едноподруго бележи настапи во европските купови, од кои седумпати во Лигата на шампионите со екипата на Крим Меркатор и една сезона во Челенџ купот со тимот на Зајечар. Најголем успех во Европа е пласманот во полуфиналето од Лигата на шампионите во сезоната 2012/2013, со екипата на Крим Меркатор.