Десет војници на силите на ОН убиени во Мали

Во најкрвавиот џихадистички напад врз силите на Обединетите нации во Мали во неделата убиени се десет припадници на „Сините шлемови“ од Чад а уште најмалку 25 се ранети, соопшти службата за односи со јавноста на челникот на светската организација Антонио Гутереш, додека од Париз најавија продолжување на операцијата на силите познати како Г5 Сахел.

Антиџихадистичките сили под називот Г5 Сахел ги сочинуваат контингенти од Мавританија, Мали, Нигер, Буркина Фасо и Чад.

„Сините шлемови“ од контингентот на Чад стационирани во Агелкок, на североистокот од Мали, 200 километри јужно од границата со Алжир, во мугрите „одбиле комплексен напад на лица кои дошле со голем број возила опремени со оружје“, соопшти мисијата на ОН во Мали (MINUSMA). Иако претпреле големи загуби, мировниците успеале да „неутрализираат голем број непријатели“ и да „тргнат во потрага по напаѓачите во бегство“, се додава во соопштението.

Мисијата MINUSMA има околу 12.500 војници и припадници на силите за одржување на редот, а распоредени се во 2013 година кога северот на Мали го заземаа џихадстите поврзани со терористичката мрежа Ал Каеда. „Сините шлемови“ досега загубија над 160 припадници, од кои повеќе од 100 во нападите, што е половината од убиените војници во мисиите на ОН во светот во истиот период.

Нападот во неделата е најголемиот врз силите на ОН во Мали кој сѐ уште е под закана на џихадистите и покрај повеќегодишнате меѓународна интервенција. Во нападот кој беше изведен во октомври 2014 година загинаа девет припадници на контингентот на Нигерија.

Неделниот напад се случи во време кога во Н’џамена треба да пристигне Бенјамин Нетанјаху, што е првата посета на некој израелски премиер на оваа африканска земја со муслиманско мнозинство којашто е една од главните учеснички во борбата против нигериската џихадистичка групација Боко Харам, како и Исламската држава во сахелско-сахарскиот појас и во западна Африка.