
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми поведува постапка против 1 ТВ поради наводно скриено сопствеништво, пренесува Макфакс.
На утрешната седница на дневен ред е ставено разгледување на предлог-одлука за поведување постапка за утврдување постоење повреда на член 34 кај 1 ТВ ДООЕЛ Скопје. Постапката се поведува бидејќи Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, на јавните настапи се претставува како сопственик на телевизијата иако формално-правно не е.
Членот 34 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми забранува таен содружник, односно „радиодифузер не може да има таен содружник кој учествува со паричен или непаричен влог во радиодифузер“. Доколку се утврди дека еден медиум има таен содружник, АВМУ може да ја одземе лиценцата за работа на медиумот.
Сопственик на 1 ТВ, според податоците од Централниот регистар, е фирмата БМЈ Медиа груп, а директор е Јасна Мандиќ.
Како сопственици на БМЈ Медиа груп, пак, повторно се јавува Јасна Мандиќ, но и таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски, кој воедно е и директор на фирмата. Името на Боки 13 не фигурира никаде во официјалните документи, а тој во интервјуата што ги дава на телевизијата се претставува како нејзин газда.
Целата сторија можете да ја видите овде.