Централниот одбор на СДСМ во петокот вечерта донесе одлука за свикување на 23-от конгрес на партијата, кој ќе се одржи на 3-ти март, изјави за медиумите по состанокот генералниот секретар на владејачката партија, Александар Кирацоски.
„СДСМ на Централниот одбор ќе ги разгледува сите предности и недостатоци за предвремени парламентарни избори и дали истите ќе одат во прилог на Република Македонија или не. Се надевам вечерва Централниот одбор ќе донесе одлука по ова прашање, а доколку не, Извршниот одбор ќе биде задолжен дополнително да ја извести јавноста за одлуката“, рече Кирацовски.
Извршниот одбор дополнително ќе го утврди дневниот ред, како и времето и местото на одржување на конгресот и бројот на делегатите.
На седницата се разгледува актуелната политичка состојба и опцијата дали партијата ќе оди на предвремени избори. На дневниот ред е и предлог одлуката за избор на претседател на Централниот одбор на СДСМ.
Исто така, на Извршниот одбор се разговарало и за кандидатите за градоначалници за локалните избори кои ќе се одржат на три општини: Охрид, Ново Село и Дебар.
Централниот одбор на СДСМ започна без присуство на претседателот на партијата, Зоран Заев, чиј авион по враќањето од економскиот самит во Давос, поради лошите временски услови мораше да слета во Софија, наместо во Скопје. Според последните непотврдени информации, Заев е на пат кон Скопје,.