Уште две тела се пронајдени во саботата на италијанскиот алпски глечер каде што во петокот се судрија хеликоптер и мал авион, со што бројот на смртно настраданите се искачи на седум, потврди портпаролот на националната агенција за спасување од алпски стени и спили CNSAS.
Меѓу петмината смртно настрадани во хеликоптерот е и 49-годишен Германец кој работел како локален планински водич, а две лица настрадател во авионот, пренесува новинската агенциja ANSA. Пилотот на хеликоптерот е втората идентификувана жртва во саботата.
Двајца преживеани имаат сериозни повреди, еден бил патник во хеликоптерот, а другиот во авионот.
Судирот во воздухот се случи во петокот попладнето над глечерот Рутор, во северозападниот регион Вале д’Аоста, крај скијачката дестинација Ла Туил, во близина на француската граница.
Хеликоптерот превезувал скијачи, а авионот доаѓал од Франција и во него биле инструктор за летање и двајца ученици на обука за пилоти. Полицијата за радиото RAI соопшти дека се чини оти францускиот авион „минал на италијанска територија без да ѝ даде сигнали на италијанската контрола за летање“.
Во текот на зимите глечерот Рутор го посетуваат скијачи кои спортуваат надвор од патеките, а почесто користат хеликоптери отколку ски-лифтови и жичници.