Пред македонското Собрание во саботата во најавениот термин од 13 часот започна мирен протест во организација на група граѓани, од кој беше алармирано за енормните загадувања на амбиенталниот воздух во Скопје и воопшто во земјата, што носи големи ризици по здравјето особено на најранливите категории.
Како што претходно објавија преку социјалните медиуми, загрижени за состојбата на воздухот и со овој протест сакаат да го искажат своето незадоволство загадениот воздух во земјава. На протестот може да се видат транспаренти: „Наместо велосипед , купивме инхалатор“, „Ставете налепници на тешката индустрија“…
Oд граѓанската иницијатива ,,Канцерогена општество”, кои се организатори на протестот, порачаа дека власта мора да преземе не само краткорочни, туку и долгорочни мерки против загадувањето. Алармираа дека високата концентрацијата на ПМ 10 честички измерена во последниот период, со што Скопје беше рангиран како најзагаден град во светот, предупредува дека ако не се преземе ништо таа бројка ќе расте.
Граѓаните се загрижени дека од загадениот воздух најзасегнати се децата и како последица на тоа се преполни детските клиники и побараа да се лоцираат најголемите загадувачи во главниот град и место непродуктивни мерки како поскапување на паркингот и други кои удираат по џебот на граѓаните, да се преземат посериозни чекори.
Особено беше потенцирано дека 1,5 милиони евра за борба со загадувањето не се доволни и порачаа дека повеќе се исплаќаат пари за патни трошоци за пратениците, отколку за справување со овој сериозен проблем. Протестот продолжи пред Владата.