
Британската влада ја разгледува можноста, доколку се случат масовни немири во услови на ткн тврд брегзит, односно напуштање на Европската унија без постигнат договор, да биде воведена вонредна состојба, се наведува во написот објавен во неделата во весникот The Sunday Times.
Повикувајќи се на информирани извори во секретаријатот на британскиот министерски кабинет, весникот наведува дека во владините структури во моментов се разработуваат сите можни сценарија доколку Обединетото Кралство на 29-ти март ја напушти ЕУ без договор со Брисел за условите за натамошните односи меѓу двете страни, или ткн „тврд брегзит“. Некои од опциите претпоставуваат воведување вонредна, па дури и воена состојба во согласност со законот за вонредни состојби усвоен во 2004 година.
Споменатиот закон им овозможува на властите да прогласат полициски час, да конфискуваат имоти, да воведуваат забрани за движење и патувања, како и да се ангажира војската доколку се појават закани по животот, здравјето и безбедноста на населението, како и да се осигури непречено снабдување со вода, храна, горива и енергенси. Преземањето во ваквите вонредни состојби на споменатите мерки може да е спротивно на сегашните британски закони за суспендирање на законите за човекови права за најмногу 21 ден, се посочува во написот.
Според еден од изворите на весникот, британските власти најмногу се загрижени од евентуалните масовни немири доколку се оствари хаотичната опција на брегзитот, поради можното влошување во снабдувањето со храна и лекови од земјите на ЕУ во Обединетото Кралство.
Во написот на The Sunday Times, исто така, се вели дека во британските воени бази на Кипар, Фокландските острови и во Гибралтар биле испратени дополнителни резерви од храна, гориво и муниција, во случај да се јават проблеми во снабдувањето по раздружувањето со ЕУ.