Лондон размислува за воена состојба во случај на тврд Брегзит

Велика Британија не ја исклучува можноста да прогласи воена состојба, со цел да се избегне хаос во случај на Брегзит без договор, објави Ројтерс.

Во согласност со законот од 2004 година, министрите размислуваат за мерки како што се воведување на полициски час, забрана за патување, конфискација на имот, но и распоредување на вооружените сили на улиците на земјата за да се превенираат безредија.

Министерот за здравство, Мет Хенкок ја искоментира оваа можност, но истакна дека ова во моментов не е на дневен ред. Од друга страна, весникот „Сан“, повикувајќи се на извори во Владата, пишува дека британската премиерка Тереза ​​Мај нема да се согласи на тврд Брегзит.

Според весникот, Тереза ​​Мај им ветила на своите министри дека нема да дозволи тврд Брегзит и ќе бара договор со ЕУ. Сепак, премиерката нема излезено во јавноста со ваква изјава, стравувајќи дека тоа ќе ја направи нејзината позиција во преговорите со Брисел послаба.