Челзи со Јунајтед во осминафиналето на ФА Куп

Дуелот меѓу Челзи и Манчестер Јунајтед е најинтересниот во осминафиналето на годинешново издание на најстарото фудбалско натпреварување на светто, англискиот ФА Куп, одреди ждребот во понеделникот.

Оваа сезона во ФА Купот се случија многу изненадувања, па уште во раната фаза од натпреварувањата испаднаа три од шесте екипи кои се наоѓаат во врвот на Премиер лигата. Водечкиот Ливепрул беше елиминиран уште во третото коло од Вулверхемптон, третопласираниот Тотенхем во неделата беше исфрлен од Кристал Палас, додека петтиот Арсенал пред три дена загуби од Манчестер Јунајтед.

За тимот кој од минатиот месец го води Оле Гунар Солскјер, патот кон трофејот е многу тежок, зашто по елиминирањето на Арсенал, повторно „Црвените ѓаволи“ ќе мора да гостуваат во Лондон, овојпат кај бранителот на тутулата Челзи.

Челзи и Манчестер Јунајтед заедно имаат освоено 20 титули, Јунајтед 12 а Челзи 8, што е за две повеќе отколку што имаа заедно 19-те преостанати клубови кои сѐ уште се во конкуренција.

Третиот фаворит за титулата, Манчестер Сити, ќе има значително полесна работа, имајќи предвид дека ќе игра против подобриот од средбата меѓу второлигашот Мидлсборо и четвртолигашот Њупорт Каунти, кои ќе мора да одиграат уште еден меч од 4-то коло бидејќи во првиот ремизираа.

Годинава до четвртфиналето ќе стасаат најмалку два нисколигаши, бидејќи во осминафиналето се среќаваат третолигашот Вимблдон и второлигашот Милвол, и второлигашот Свонси Сити и победникот од дуелот меѓу петтолигашот Барнет и второлигашто Бренфорд.

Средбите во осминафиналето ќе се играат меѓу 15-ти и 18-ти февруари.

Двојки:

Бристол Сити – Шрусбери Таун / Вулверхемптон
Вимблдон – Милвол
Донкастер Роверс – Кристал Палас
Мидлсборо / Њупорт Каунти – Манчестер Сити
Челзи – Манчестер Јунајтед
Свонси Сити – Барнет / Брентфорд
Портсмут / Квинс Парк Ренџерс – Ватфорд
Брајтон енд Хов Албион / Вест Бромвич Албион – Дерби Каунти