Зголемувањето за 11 проценти на минималната плата во Грција и укинувањето на т.н. „подминимални плати” за младите кадри, мерки кои беа објавени од страна на премиерот Алексис Ципрас за време на состанокот на владата претходно оваа недела, стапуваат во сила од денес, објави Катимерини.
Денеска почнува новата ера за младите работници во земјата. Ера со повеќе права, повеќе достоинство, изјави министерката за труд, Ефи Ахциоглу.
Со зголемувањето на минималната плата и укинување на подминималната плата ние го враќаме оној дел кој им беше одземен на вработените за време на мерките за штедење. Ова е чин на правда, истакна таа.
Зголемувањето, кое е прв ваков чекор во земјата за скоро една деценија, предвидува зголемување на минималната плата од 586 на 650 евра.
Мерката сепак предизвика вознемиреност меѓу дел од кредиторите на Грција за време на неодамнешната посета на нивната делегација во земјата, за проценка на ситуацијата по излегувањето од последната програма во август.