Иран одбележува 40 години од Исламската револуција

Илјадници Иранци денеска се собраа во Техеран, во мавзолејот на основачот на Исламската Република, ајатолахот Рухолах Хомеини, за да одбележат 40 години од Исламската револуција.

Церемонијата за одбележување на годишницата од револуцијата во 1979 година почна во 08.33 часот по локално време, точно во моментот кога Хомеини се вратил во Иран по 14 години во егзил и кога неговиот авион слетал на аеродромот во Техеран.

Ајатолахот Ахмад Џанати, прв човек на влијателното Собрание на експерти кое го назначува врховниот лидер на Исламската Република, одржа говор во кој ги критикуваше политичките групи кои се залагаат за подобри односи со Вашингтон.

– Ја проколнуваме погрешната школа на мислења која смета дека ние не можеме да управуваме со нашата земја доколку Америка не ни помогне, изјави тој.

На 1 февруари секоја година се одржуваат прослави „Dahe-ye Fajr“ (Десет дена зора) со кои се одбележува годишницата од враќањето на Хомеини во Иран по масовните демонстрации во целата земја.

Церемониите кулминираат на 11 февруари кога се одбележува падот на 2.500 години старата монархија во Иран.