Денеска во Венецуела ќе се одржат масовни протести закажани од противниците, но и од приврзаниците на претседателот Николас Мадуро.
Опозицијата предводена од самопрогласениот претседател Хуан Гваидо, најави протести низ целата земја. Против власта на Мадуро се очекува да се соберат илјадници, кои се организираа преку социјалните мрежи.
Целта на протестите е да се зголеми притисокот врз Мадуро, откако Вашингтон минатата недела го прогласи Гваидо за легитимен претседател на Венецуела, а воедно САД им наметнаа дополнителни санкции за уште повеќе да ја ослабне нафтената индустрија на оваа земја, членка на ОПЕК.
Се очекува од следната недела и земјите членки на ЕУ поединечно да го признаат Гваидо за претседател на Венецуела.
Протести за денеска најавија и приврзаниците на Мадуро, кои ја имаат поддршката од Русија и од Кина, чии нафтени компании вложија милијарди во нафтените полиња на Венецуела.
Кризата во Венецуела и конфронтациите на светските лидери околу земјата започнуваат да наликуваат како од времето на Студената војна: Кремељ јавно го подржува венецуелскиот претседател Николас Мадуро, додека Вашингтон на чело со Трамп му изрази поддршка на самопрогласениот времен претседател Хуан Гуаидо, велат од Си-ен-ен.
Целата ситуација на прв поглед ги има сите елементи кои ги имаа и судирите од времето на Студената војна на САД и Русија. Во изминатиот период, се јавуваат и шпекулации и за руски воени платеници кои влегуваат во Венецуела, таен транспорт на злато, па дури и заговори за атентат на високи венецуелски државници.