Битолчани в сабота ќе можат да се насладат на звуците на „ОпераТи“

По повод денот на вљубените, здружението на оперски уметници „ОпераТи“, в сабота (09.02.2019), во Народниот театар, ќе се претстави пред битолската публика.

Оперскиот гала концерт во Битола, со почеток од 19 часот, е само едно од достигнувањата на новоформираното здружение „ОпераТи“, кое жнее успеси, како на домашна, така и на меѓународна сцена.

Љубителите на класичната музика веќе се запознаа и уживаа со перформансите на оперските уметници и пијанисти, на предновогодишниот концерт во Домот на културата во Прилеп, како и на гала концертот во салонот на Македонската опера и балет во Скопје, а од „ОпераТи“ најавуваат сѐ повеќе настапи во сите градови на Р.Македонија, со цел промовирање на нашите млади оперски таленти и подигање на културната свест кај публиката и граѓаните во помалите градови, кадешто сѐ поретко се случуваат вакви културни настани.

Иако станува збор за новоформирано здружение, тие веќе можат да се пофалат со голем број на покани за учество на фестивали и во странство, меѓу кои:

• Покана за учество на летен оперски фестивал „Емил Чакаров“ град Бургас, Р. Бугарија

• Покана за Оперски Гала Концерт во Сандански, Р.Бугарија со македонски изворни песни, преработени во оперски варијант, каде ќе земат учество наши млади оперски уметници

• Покана за концертна изведба на македонското оперско дело „Разделба“ од Т. Прокопиев во Виена , Р. Австрија во салата „Kulturcentrum im Palais Palffy”.

• Покана за учество во Оперски Гала Концерти во Малта, каде ќе настапуваат млади оперски уметници со пијано придружба од членови на здружението.

• Проект „Опера на отворено“, кој се состои од две оперски претстави „Паљачи“-Р.Леонкавало и „Плаштот“-Џ.Пучини, што ќе преставува еден мега-проект на отворено, со солистички состав од членови на „ОпераТи“.