Грција го ратификуваше Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО

Сега треба Грција и официјално да ја извести Македонија дека го ратификувала Протоколот за членство во НАТО, по што ќе следува размена на ноти помеѓу двете влади.

Грчкиот парламент со 153 гласа „за“ го ратификуваше Протокол за пристап на Македонија во НАТО, со што симболично стана првата, од вкупно 29-те членки на Алијансата, кои низ своите парламенти ќе треба да го потврдат членството на земјава во НАТО.

Со овој чин се комплетираат предусловите за стапување на сила на Преспанскиот договор. За седум дена во Македонија ќе се активираат уставните амандмани со кои ќе се промени уставното име на земјава во Република Северна Македонија.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во своето обраќање пред пратениците го бранеше договорот меѓу Македонија и Грција изразувајќи верување дека неговата влада ја „извршила својата патриотска должност“.

„Ќе не судат луѓето и историјата. Чувствувам дека ја завршивме нашата патриотска должност покрај заканите и уцените. Но, наскоро грчките граѓани и историјата, а најмногу следните генерации ќе судат за нашите постапки“, изјавил Ципрас, пренесува Екатимерини.

Сега треба Грција и официјално да ја извести Македонија дека го ратификувала Протоколот за членство во НАТО, по што ќе следува размена на ноти помеѓу двете влади. Потоа двете држави треба да ги информираат ООН и сите останати меѓународни организации дека новото уставно име на Македонија ќе биде Република Северна Македонија.

Во информацијата ќе стои дека разликите за името наведени во Резолуциите 817 и 845 се надминати и дека Договорот од Преспа стапува во сила.