На свечена церемонија денеска пред Владата на Република Македонија беше кренато знамето на НАТО.
Професорката Гордана Силјановска Давкова, една од кандидатите за претседател на Македонија, во статус на социјалната мрежа Фејсбук, посочи дека, процедурата за влез во НАТО сѐ уште не е завршена, па оттаму и кревањето на знамето НАТО е лажирање на стварноста.
Наместо владеење на правото и правда за Македонија денес посведочивме еден бизарен политички ритуал кој се одвиваше пред зградата на Владата на Република Северна Македонија. Во недостаток на вистински успеси, и среде зовриена атмосфера од скандалите кои се граничат со трагикомедија, Владата денес се обиде да ја лажира стварноста, истакнувајќи го знамето на НАТО. Бидејќи процедурата сеуште трае денешниот чин нема никаква врска со членството во НАТО, туку со преименувањето на државните институции. Одсуството на претседателот на Македонија е непочитување на протоколот и неправда кон институција на државата. Ваквиот чин нѐ прикажува како незрела и несериозна држава, напиша професорката.
На денешната церемонија за поставување на знамето на НАТО пред македонската Влада, не присуствуваше актуелниот претседател на државава, Ѓорге Иванов, а не беа присутни ниту од раководството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Празно остана и столчето кое беше наменето и за поранешниот претседател Бранко Црвенковски.