Претседателот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ упати телеграма со сочувство на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев по повод тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа на автопатот Скопје – Тетово.
-Длабоко ме потресе веста за тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа, а во која загинаа 14 ваши државјани, а голем број се повредени. Во име на Советот на министри на БиХ и во свое лично име примете искрено сочувство и Ве молам на семејствата на загинатите да им пренесете изрази на наше најдлабоко сочувство, а на повредените граѓани искрени желби за што побрзо закрепнување, се наведува во телеграмата на Звиздиќ.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов изрази жалење за жртвите во тешката автобуска несреќа што вчера попладне се случи на автопатот Скопје – Тетово.
-Со болка ја слушнав веста дека на патот Скопје – Тетово животот го загубија 14 лица. Им изразувам жалење на најблиските на загинатите и посакувам брзо заздравувње на повредените, изјави Борисов.
Албанскиот претседател Илир Мета изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите во тешката сообраќајна несреќа што вчера попладне се случи на патот Скопје-Тетово, кај селото Ласкарци.
На својот профил на Фејсбук тој напиша дека е длабоко погоден и тажен од страшната вест и е духовно со семејствата на настраданите.
-Длабоко погодени и тажни од шокантните вести за загубените животи во трагедијата со автобусот на автопатот Скопје-Тетово. Во овие тешки мигови духовно сме до семејствата погодени од оваа трагедија, до роднините и пријателите на жртвите и сите граѓани на Северна Македонија погодена од ова трагедија! Длабоко и искрено сочувство и братска солидарност! Искрени желби за брзо закрепнување на повредените, напиша Мета.
Длабоко жалење, како и сочувство и солидарност до граѓаните и владата, изразува Министерството за надворешни работи на Грција по трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Тетово, јави дописничката на МИА од Атина.
-Длабоко жалиме за трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје- Тетово. Нашите мисли се со семејствата на жртвите и нивните најблиски. Изразуваме искрено сочувство и солидарност со граѓаните и владата на Северна Македонија, напишаа од грчкото МНР на нивниот официјален Твитер профил.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, веднаш по несреќата, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос му се јавил на Никола Димитров за да изрази сочувство и поддршка во тешките моменти за земјата.