СЗО: Бројот на заболени со мали сипаници во светот се зголеми за 50 отсто

Податоците укажуваат дека овој загрижувачки тренд се одвива на глобално ниво, вклучувајќи ги и богатите земји каде што до неодамна вакцинацијата беше многу висока.

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека бројот на заболени со мали сипаници во светот се зголеми за 50%, и покрај сите напори да се спречи порастот на бројот на заболени, јави Гардијан.

Податоците укажуваат дека овој загрижувачки тренд се одвива на глобално ниво, вклучувајќи ги и богатите земји каде што до неодамна вакцинацијата беше многу висока.

„Прелиминарните податоци покажуваат дека има значително зголемување на бројот на пациенти со мали сипаници. Ова е видливо во сите региони“, вели д-р Кетрин Обрајан од СЗО. „Создадени се жаришта кои се долготрајни, на голем простор се и се шират“, рече таа. „Ова повеќе не е изолиран проблем“.

Во здравствените институции се пријавени помалку од 10% од случаите на зараза со мали сипаници. „Значи, кога гледаме дека бројот на пријавени случаи се зголемил за 50%, знаеме дека одиме во погрешна насока и дека нешто не е во ред“, рече таа, додавајќи дека всушност се работи за милиони луѓе заболени од оваа болест во светот.

До април оваа година, земјите мора да ги пријават до СЗО случаите на зараза со сипаници регистрирани во 2018 година. Според податоците што досега се примени од Светската здравствена организација, веќе сега има околу 229.000 пријавени случаи, во споредба со 170.000 пријавени во 2017 година.

Во 2018 година, околу 136.000 лица починале од мали сипаници, а оваа вирусна болест, според СЗО, е една од главните причини за смрт кај малите деца. Болеста лесно може да се спречи со две дози на „безбедна и ефикасна“ вакцина која се користи уште од 1960 година, вели организацијата на ОН.

До 2016 година, бројот на случаи на зараза со мали сипаници беше во континуиран пад, но почна да расте од 2017 година.

„Постојат бројни жаришта кои го предизвикуваат порастот на бројот на заразени“, изјави епидемиолог Катрина Кретсингер, од СЗО, укажувајќи на епидемиите во Украина, Мадагаскар, Демократска Република Конго и слично.

Само во Мадагаскар „од октомври 2018 година до 12 февруари 2019 година се регистрирани вкупно 66.278 случаи заразени од болеста и 922 смртни случаи“, соопштија од СЗО.

Во посиромашните земји, руралните заедници и земјите во конфликт, проблемот е недостатокот на вакцина. Но, во Европа и во другите богати земји, проблемот е, главно, дезинформација за вакцината. Така, во некои земји почнаа повторно да се појавуваат жаришта поради ширењето на медицински неосновани тврдења кои ја поврзуваат вакцината против морбили со аутизмот. Таквите и слични тврдења, се главните идеи за движењето против вакцинација, чија популарност расте во развиените земји.

„Се враќаме наназад и покрај напредокот во медицината. Ова не се случува бидејќи не знаеме како да вакцинираме против сипаници. Ние можеме да ја спречиме оваа вирусна болест. Се случува бидејќи не сме во можност да ги вакцинираме сите деца“, рече Кетрин Обрајан.