
Извозниците на вино од нашата земја десетина години работат под пресија во странство да не го признаваат терминот “македонско вино”. Сметаат дека сега, со Преспанскиот договор и со надминувањето на речиси тридеценискиот спор со Грција околу името на нашата држава, може да се најде решение, а тоа е на целиот простор на географска Македонија на етикетите на вината да стои придавката “македонско вино”.
– Десетина години работиме под таква пресија да не ни го признаваат терминот “македонско вино”. Би било добро да се најде едно фер решение во рамки на меѓународните закони, а тоа е за целиот простор на географска Македонија да се користи придавката „македонски“. Досега не сме биле контактирани за ова, но верувам дека нашата асоцијација го има во предвид тој проблем и ќе ја каже нашата позиција во рамките на меѓународните прописи. Да нема победници и губитници – смета сопственикот на винаријата “Стоби”, Минчо Јорданов.
Сепак и да не се најде такво решение какво што тој го предлага, не очекува дека тоа ќе се одрази на продажбата на виното и настапот на светските пазари, бидејќи смета дека вината што се произведуваат кај нас може да се сметаат дека се блиску до еколошките.