Нова градска атракција: ГТЦ ќе добие зелен покрив

Со зазеленувањето на покривот на ГТЦ, делумно ќе се надомести загубеното зеленило во Малиот ринг коешто до 2017 година претрпе загуби повеќе од 30% од вкупната површина на крошните на дрвјата кои беа засадени во овој дел на градот.

Градскиот трговски центар, за кој со години наназад различни градски власти има решенија и иницијативи за реконструкција, наскоро ќе добие зелен покрив, што би требало да овозможи поголема заштита на животната средина и заштита од климатски промени.

Проектот на Градот Скопје ќе се изведува во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со цел реализација на Стратегијата за климатски промени – Отпорно Скопје.

Изведбата на проектот која би чинела околу 32 милиони денари, ќе ја финансира Град Скопје.

ГТЦ е симбол на модерно, постземјотресно Скопје. Со проектот „Зелен покрив на ГТЦ“ финансиран од Град Скопје и имплементиран со поддршка на нашите пријатели од УНДП, постојниот покрив кој сега е речиси неискористен ќе стане атрактивен простор со зелена површина за одмор, рекреација и културно-забавен живот. Освен во урбаниот развој на градот, овој проект ќе придонесе и за намалување на температурата во централното градско подрачје преку намалување на ефектот на урбаните топлински острови, подобрување на квалитетот на воздухот и управувањето со врнежите – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.

На зелениот покрив со површина од 1.800 квадратни метри ќе бидат засадени 29 висококвалитетни дрвја и повеќе од 30 други видови садници. Ќе бидат поставени неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, партерно шаховско поле, кафе-бар, како и модерна урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди. Со зазеленувањето на покривот на ГТЦ, делумно ќе се надомести загубеното зеленило во Малиот ринг коешто до 2017 година претрпе загуби повеќе од 30% од вкупната површина на крошните на дрвјата кои беа засадени во овој дел на градот.

Изградбата на зелениот покрив е една од многуте заеднички активности кои ги спроведуваат Град Скопје и УНДП со цел да се зголеми отпорноста на градот и да се обезбеди одржливост преку воведување нови иновативни технологии и решенија, посочи постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан.

Во оваа фаза, заради материјалните можности на Градот Скопје, ќе се прави зелен покрив само на делот од покривот што гледа кон градскиот плоштад. Постапката за избор на изведувачи ја спроведе УНДП, како што беше речено, избран е конзорциум од неколку градежни фирми затоа што станува збор за комплексна градежна активност.

Тековно одржување ќе биде одговорност на ГТЦ и на луѓето од кафетеријата која ќе се наоѓа на покривот.
Се очекува изградбата на зелениот покрив да заврши за осум месеци најдоцна.