Анализа: РЕК Битола најголем загадувач во Македонија

Енергетските централи од Западен Балкан испуштаат 20 пати повеќе сулфур диоксид и ПМ честички од погоните на ЕУ.

Работењето на 16 термоелектрани на јаглен во земјите од Западниот Балкан претставува здравствен и економски товар за цела Европа. Само во 2016 година 16 западнобалкански термоелектрани во воздухот испуштиле количина на сулфур диоксид споредлива со количина емитувана од сите 250 термоелектрани во ЕУ. Еднакво алармантно е и нивото на загадување на ситни честички (PM2,5 PM10) и азотни оксиди. Ова е заклучокот на новата анализа презентирана во Брисел од организациите: HEAL, „Sandbag“, „CAN Еurope“; „CEE Bankwatch“ и организациите-членки на кампањата „Europe Beyond Coal“.

Според анализата, РЕК Битола се наоѓа на 8. место од вкупно 10 најзагадувачки фабрики во Европа по СО2 емисии во 2016 година. На прво место се најде фабриката Костолац Б во Србија.


Анализата покажува дека во Македонија се случиле 104 случаи на прерана смрт од загадувањето на воздухот во 2016 година, 216 случаи на бронхитис, 46 случаи на хроничен бронхитис кај возрасни и 70 приеми во болница поради респираторни или кардиоваскуларни симптоми.

Анализата се базира на методологијата на Светската здравствена организација и Европската комисија.

Резултатите од анализата покажаа дека секоја година загадувањето на воздухот, што е последица на работата на 16 западнобалкански термоелектрани на јаглен, предизвикува до 3.000 смртни случаи, до 8.000 случаи на бронхитис кај децата, како и други хронични заболувања.

Се посочува и дека просечна централа на јаглен во Западен Балкан емитува 20 пати повеќе сулфур диоксид (SO2) и 16 пати повеќе ПМ честички од просечна Европска централа.

Анализата проценува дека годишните медицински трошоци што можат да се поврзат со ова загадување изнесуваат од 6,1 до 11,5 милијарди евра, а ги плаќаат граѓаните и економиите на загрозените земји.
Македонија може значително да го зголеми својот тековен удел во енергетски обновливи извори до 2050 година. А, во исто време, учеството на фосилните горива да се намали до 2050 година.

Едни од препораките за земјите од Западен Балкан се итно да се спроведе Директивата за големи постројки за согорувањето. Да се инвестира во намалување на загадувањето во погоните за јаглен.  Подобро да се заштити јавното здравје и да се избегне потребата за дополнителни инвестиции во следните години. Да се затворат сите постоечки и стари централи на јаглен и да не се градат нови. Да се  прават одржливи форми на заштеда на обновлива енергија и енергија и целосно да се имплементираат стандардите договорени во Парискиот договор во 2015 година.