Претепаниот Јанакиески ќе биде хоспитализиран, а Ристовски поминал со помалку сериозни повреди

Пукната аркада, но и голем број други модринки по лицето и главата е епилогот од физичкиот напад врз поранешниот министер Спиро Ристовски, во истражниот затвор во Шутка, дознава Нетпрес. Поранешниот министер бил претепан околу 12 часот, за време на редовната пладневна прошетка на притворениците во дворот на затворот.

Контузија на главата, скршеница на раката, како и дузина останати повреди по лицето и телото заработи поранешниот министер Миле Јанакиески, откако бил нападнат во истражниот затвор, говорат извори за Нетпрес. Неофицијално, тој во бессознание бил доведен на клиниките, каде поради сериозноста на повредите, медицинскиот тим одлучил Јанакиески веднаш да биде хоспитализиран, за да се надгледува неговата здравствена состојба. Тој бил нападнат, исто така, за време на прошетка во затворот во Шутка, но околу 15 часот, кога има прошетка за останатиот дел од притворениците.

Напаѓачите, припадници на Кумановската група, позната по инцидентот во Диво Насеље, наводно се пофалиле пред другите притвореници дека, по нападот, ги очекува повластен третман во затворот.

Засега сѐ уште нема детали за настанот од страна на надлежните институции, а од Управата за извршување санкции, повеќе информации најавија дури за утре.

Инаку, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, завршија во притвор откако вчера судот го одобри барањето на Основно јавно обвинителство за одредување на ваквата мерка, поради нивна поврзаност со настаните од 27 април во Собранието. Обвинителството најави дека ќе ги терети за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“.