Со СДСМ на власт Македонија стана единствената држава во Европа каде се затвораат и тепаат политички неистомисленици. Тепањето на поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески е уште еден обид на власта да креира страв кај граѓаните во обид да го избегнат неминовниот пораз на изборите, ова денеска преку соопштение го потенцираа од ВМРО-ДПМНЕ.
-Оставката на директорот на Истражниот затвор во Скопје е само блед обид за избегнување одговорност на нарачателите на линчот врз Ристовски и Јанакиески. Целиот случај не смее да се заташка на овој начин, а одговорните мора веднаш да бидат изведени пред лицето на правдата. Јавноста мора да знае кој го нарача обидот за линч и зошто тепањето не било на време спречено. Зоран Заев и Рената Дескоска да не бегаат од одговорност и да си поднесат оставки. Само така ќе се спроведе независна истрага која ќе резултира и со кривична одговорност за нарачателите. Недозволиво е за една земја која претендира да биде член на Европската Унија да затвора и тепа политички неистомисленици. Со ваквиот чин власта ја враќа Македонија во црните времиња на комунизмот и едноумието и ја става во рангот на тоталитарни режими како Северна Кореја, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека лагите и клеветите на СДСМ не можат да го скријат фактот дека во притвор беа претепани двајца поранешни министри, а власта не направи апсолутно ништо за тоа да го спречи.
-Политичкиот прогон и насилството во Република Македонија станаа секојдневие. Граѓаните повеќе не се безбедни и се исплашени дека може да ги снајде истото доколку го кренат својот глас против власта. Оваа хајка против неистомислениците мора да заврши. Граѓаните ќе ги казнат СДСМ и Заев на претседателските избори, а тоа резултира со неминовни предвремени избори кога повторно ќе бидат поразени и СДСМ ќе замине на црната страна на историјата а правната држава и демократијата ќе се вратат во Македонија, се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.