
Власта е оперирана од срам и морал. Затоа речиси и да нема функционер што не е заразен од епидемијата на непотизам, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој денеска обвини дека пратеничката Јагода Шахпаска си ја вработила својата золва, Маја Двојаковска во општина Берово, а потоа го вработила и нејзиниот сопруг во Македонски шуми по договор на дело.
Најверојатно планот ѝ бил да добие решение после изборите, рече Арсовски.
ВМРО-ДПМНЕ како пример за непотизам ги посочува и поранешниот претседател на ДИК, Александар Чичаковски кој, како што тврди, си ја вработил својата прва братучедка Емилија. Опозицијата го обвини и Пеце Мирчевски, директорот на СОЗР дека си го вработил својот шура, како инспектор во МВР.
Нема што повеќе да се каже. Целата јавност го гледа лицемерието на СДСМ. Едно збореа пред изборите, друго сега прават. Жалосно е што за сметка на функционерите на СДСМ и нивните роднини, останатите обични граѓани се принудени да си го бараат своето чаре надвор од државата, истакна Арсовски.