
Интервју или нарачано шиканирање? Вака е насловено видеото кое беше објавено на социјалните мрежи, со исечоци од интервјуто кое лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера го даде за 1ТВ.
Тој гостуваше кај новинарот Сашо Ордановски.
Првичните наоди од надзорот на Агенцијата укажуваат дека во делови од интервјуто, новинарот ги прекршува начелата за почитување на достоинството на личноста, за пресумпција на невиноста и за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ова денеска преку соопштение го истакнуваат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Македонската асоцијација на новинари (МАН) смета дека се прекршени сите правила на професионално однесување и известување, како и сите етички норми во Кодексот за известување, пропишани од новинарските здруженија во синоќешната емисија “Печат на неделата” на уредникот и водител Сашо Орданоски на 1ТВ, во која гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Новинарот има право слободно да се изразува и има право на изразување лични ставови во форма на несогласување согласно Член 11 од законот за медиуми. Но, агресивното и скандалозно бранење на политички ставови, истовремено проследено со обвинувања и дискриминација заради поинакви политички уверувања, прекршување на начелата за почитување на достоинството на личноста, пресумпција на невиноста, објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења е спротивно на Член 48 и Член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги. Затоа, МАН ја повикува Агенцијата за аудиовузулени и медиумски услуги да го разгледа овој случај и да ги преземе сите мерки кон 1ТВ, велат од МАН.