Енергетската заедница (ЕЗ), во своето соопштение до јавноста, ги поздрави реформите што се спроведуваат во енергетскиот сектор во земјава, при што нотираше дека е прва членка на ЕЗ која спровела конкурентна тендерска постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија.
Во согласност со новиот Закон за енергетика во кој е имплементиран Третиот енергетски пакет, Северна Македонија почна постапка за избор на универзален снабдувач на електрична енергија и снабдувач во краен случај за период од пет години. Конзорциумот на „ЕВН Македонија“ и „ЕВН електроснабдување“ победи на тендерот, нудејќи најниска понуда во споредба со другите понудувачи. Ова е прва конкурентна тендерска постапка во Енергетската заедница, е нотирано во соопштението на Енергетската заедница.
Според Третиот енергетски пакет, се додава во соопштението од ЕЗ, на сите потрошувачи, односно на домаќинствата и на малите претпријатија, им се гарантира правото на „универзално снабдување“, односно да се снабдуваат со електрична енергија со определен квалитет, по разумни, лесно и јасно споредливи, транспарентни и недискриминаторски цени. Договорните страни на Енергетската заедница можат да назначат снабдувач во краен случај, со цел да се заштитат потрошувачите во ситуации кога би пропаднал нивниот снабдувач со електрична енергија, како и да се заштитат неактивните потрошувачи или потрошувачите со потешкотии при плаќањето.
Согласно законските процедури, целосната постапка за универзален снабдувач и снабдувач во краен случај ќе биде целосно завршена во наредните недели.