
Минатата недела Народната банка на Република Северна Македонија, соопшти дека во 2018 година е регистрирано највисоко годишно ниво на странски директни инвестиции во земјата во вредност од 624,49 милиони евра, што е за 276 отсто повисока вредност во однос на просечното ниво на странски инвестиции во периодот од 2010-2017 година, потврдија и од кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев.
Во нивниот одговор на прашањата од „НетПрес“, кои се 18-те компании кои инвестирале во земјава, најголем дел од нив се сместени во технолошко индустриските развојни зони, додека две се надвор од ТИРЗ, ја добивме следната листа: „Герешајмер“, „Малхотра“, „Чагатај кабло“, „Мурат Тиџарет“, „Џемдаг Лајтнинг“, „Доган Отомотив“, „Балканлар Пластик“, „Дура Аутомотив Системс“, „Речи и сонс“, „Теламон“, „Вик и Кеслер“, „Саген“, „Баумер“, „Зенит“, „Кранфилд Фаундри“, „ ОДВ Електрик“ „Дијатек“ и „ Макдиа“. Во одговорот немаше конкретни податоци за вкупниот износ на поединечните инвестиции ниту пак точен број на вработени.
Во одговорот нема објаснување за фирмите, која во која фаза е, каде ќе градат, кои локации, колку пари е инвестицијата, колку луѓе ќе вработуваат…
Доколку се истражи секоја од овие компании, во најголем дел се инвестиции најавени уште пред доаѓањето на владата на Зоран Заев, дел се проширување на постоечки капацитети, дел не се започнати со работа, а за дел од нив едвај и се наоѓаат некакви информации. Останува прашањето како Владата дојде до конечната сума на влезени пари во маледонската економија од 624,49 милиони евра?
„Герешајмер“ е германска компанија, лидер во производството на пластични и стаклени производи за потребите на медицинската и фармацевтската индустрија. Има производствени капацитети во 15 земји во Европа, Азија, Северна и Јужна Америка, а согласно деловниот план планираше отворање уште една фабрика, за која потврдата е неодамна добиена, поточно во 2019 година. Компанијата во моментот управува со 50-ина производствени капацитети во 15 земји, во кои работат околу 10.000 лица, а остварува годишен приход од 1,3 милијарда евра, но нема конкретна сума на вкупната инвестиција во зенјава.
Опозицијата пред само еден месец реагираше дека „Малхотра“ не е нова, туку дека станува збор за инвестиција најавена од претходната Влада. Според ВМРО-ДПМНЕ, влезот на компанијата беше најавен во декември 2016 година, а градежните работи требаше да завршат на крајот на 2017 година. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја најави оваа инвестиција во висина од 9,3 милиони евра. Индискиот инвеститор на македонскиот пазар влегува во конзорциум со јапонска компанија. Ќе произведуваат кабли за автомобилската индустрија, односно ќе обезбедуваат суровина за сите останати фабрики во Македонија кои прават кабли за оваа индустрија. Ова ќе биде голема инвестиција која ќе започне во следниот период, рече Анѓушев во јануари годинава.
Според опозициската партија договорот за инвестирање на „Чагатај кабло“ е потпишан на 18 мај, 2017 година, од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, а е резултат на подолг процес на разговори и преговори.
Турската фабрика „Чагатај Кабло“ почна со работа во август минатата година во Технолошко-индустриската зона Бунарџик. Фабриката за производство на кабли за автомобилската индустрија и за земјоделска механизација планира зголемување на капацитетите. Станува збор за погон од седум илјади метри квадратни, а за негова изградба во првата фаза вложени се четири милиони евра и досега вработени се 80 луѓе.
Во јули минатата година беше означен е почетокот на изградбата на нова фабрика на компанијата „Мурат Тиџарет“ во ТИРЗ Скопје 2. Висината на планираната инвестиција изнесува речиси 7 милиони евра и првично ќе бидат отворени 300 нови работни места.
Директорот на компанијата „Мурат Тиџарет“, Шахан Гора Тиџарет, најави почнување со работа на фабриката во 2019 година и ги нагласи очекувањата на менаџментот дека со својата работа оваа компанија ќе придонесе кон севкупниот економски развој на земјата, но и на регионот.
Во врска со „Доган Отомотив“ имаше само најави за инвестицијата, но не и конкретна сума, оваа инвестиција ја соопшти во февруари минатата година, на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Тој само појасни дека станува збор за компанија која произведува резервни делови за автомобилската индустрија, Подоцна во јавноста не излегоа никакви дополнителни податоци за вкупната сума на инвестицијата ниту пак колку луѓе ќе вработува.
Турската „Балканлар пластик“ во јуни минатата година најави дека ќе инвестира осум милиони евра во капацитет за призводство на амбалажа-лиена пластика, и исто така ќе обезбеди 80 вработувања, рече тогаш Анѓушев на прес-конференција во Владата.
„DURA Automotive Systems“ е глобален снабдувач на оригинални компоненти за најреномираните производители на автомобили ширум светот. Компанијата донесе одлука да го го прошири своето производство со отворање на своја фабрика во Македонија во „Бунарџик“ која ќе се простира на површина од околу од 16.000 метри квадратни, а според најавите на компанијата во летото 2019 година се очекува и нејзиното отпочнување со работа.
Американската компанија „Теламон“ во јули минатата година најави дека во изнајмен погон во Инџиково ќе произведува електрични кабли, а првично ќе инвестира околу 4 милиони евра и ќе бидат вработени околу 300 лица. На најавата за влез на новата инвестиција од страна на Владата реагираа од опозицијата. Велат дека инвестицијата на „Теламон“ е резултат на работата на ВМРО ДПМНЕ. Според тогашните реакции на опозицијата на владата на Заев им требаше цела година да склучат договор на она што речиси беше завршено во целост. Инвестициите на компанијата „Теламон“ и американската компанија „Дога“, се дел од пакетот на 60 странски компании со кои беше во напредни преговори владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Фармацевтската компанија „Саген“ со седиште во Тирана во февруари минатата година најави дека ќе инвестира повеќе од 20 милиони евра во капацитет во ТИРЗ Скопје 1 во кој планира да вработи околу 300 лица. Како што информира тогаш директорот на ТИРЗ Скопје 1 Александар Младеновски.
„Baumer Holding AG“ е семејна меѓународна компанија која произведува напредна сензорска технологија, индуктивни и процесни сензори, енкодери, кабли и други полуфабрикати од областа на електрониката. Во производните активности, „Баумер“ ќе вклучува и локални квалификувани добавувачи.
Вицепремиерот Анѓушев во декември минатата година изрази особено задоволство што изградбата на фабриката е во напредна фаза и посочи дека клучно кај оваа странска инвестиција е тоа што ќе има научно-истражувачки центар во кој ќе бидат вработени над 30 млади инженери од областа на електрониката, информатиката, машинската технологија.
Тие брзо градат и ме радува што градат по швајцарски стандарди и критериуми. Се надевам дека, согласно нивниот план, во март 2019 ќе почне и нивното производство, рече Анѓушев по потпишувањето на договорот.
Комисијата за економски совет во јуни минатата година, донесе препорака до Владата да ги усвои договорите за државна помош за инвестицијата на „Зенит интернешенал продукт“ од ОАЕ од три милиони евра со 80 вработувања која во зоната во Бунарџик ќе произведува грејачи за бојлери.
Најсовремена, високо-автоматизирана еколошка леарница за производство на делови за автомобилската индустрија во 2015 година најави дека ќе гради компанијата „Кранфилд Фаундри” во Пробиштип. Оваа странска инвестиција вредна 15 милиони евра, која треба да отвори 280 вработувања, беше официјализирана со договорот што го потпишаа менаџерскиот тим и тогашниот ресорнен министер Бил Павлевски.
Проектот требаше да зафаќа површина од околу осум хектари, и да се состои од производствен погон и административна зграда на 15 илјади метри квадратни. Производството според најавите требаше да почне најдоцна за една година
Примарното производство на „Кранфилд Фаундри“ ќе биде наменето за монтажна и железничка индустрија, а крајната цел е производство на делови за автомобилската индустрија.
Компанијата „ОДВ Електрик“ својата филијала во Охрид ја основаше во јуни 2014 година, а со пробно производство на авто-компоненти во веќе постоечки капацитет во Охрид почна во јануари 2015 година. Градбата на новата сопствена фабрика во ТИР-зоната Охрид/Струга е со површина од 10.000 метри квадратни, а започна во октомври 2015 година.
Инвестицијата на италијанската компанија „Дијатек“, специјализирана за дигитално печатење, е најавена на 6 април 2014 година, Влезот на „Дијатек“ во Македонија го најави тогашниот директор на ТИРЗ, Виктор Мизо, кој прецизира дека договорите со компанијата ќе се потпишат по завршувањето на изборите. Една година подоцна, во септември 2015, „Дијатек“ ја отвори фабриката „Макдиа“ во Македонија. Тука се произведуваат производи за печатарската и текстилната индустрија, а најголем дел од производството треба да биде наменето за извоз, пред сѐ на пазарите на Источна Европа, Турција, Персискиот Залив и Северна Африка.