Данило Брестовац нов селектор ракометната репрезентација

Тренерот на РК Металург, Данило Брестовац, на прес-конференцијата во саботата  беше официјално претставен пред медиумите како нов селектор на Сениорската машка репрезентација на Македонија

Брестовац до јуни паралелно ќе извршува две функции,  тренер на Металург и селектор на кадетите и сениорите. РФМ на прес конференција денеска го промовираше новиот селектор, како што и беше најавено

„Нов селектор на Македонија е Данило Брестовац. Со него се договоривме на првичен ангажман до 30. јуни 2022 година.Тој ќе биде селектор на А-репрезентацијата и ќе ги координира останатите селекции. Моја визија и идеја беше да имаме професионален селектор, но тоа ќе почне по 31 мај, затоа што не сакаме да ги уриваме клупските односи на Данило. Значи до крајот на сезоната ќе го води Металург, а од 1 јуни ќе работи како професионалец само во РФМ. Данило ќе ја води и репрезентацијата до 19 години во август, на СП во Македонија, досега беше со тие момци, затоа сметаме дека треба да биде и на овој настан. Во мај ќе ги прогласиме тренерите кои ќе ги водат соодветните генерациски репрезентации, а ќе бидат координирани од Данило. Како прв човек на РФМ можам да ветам дека Брестовац ќе јаима максималната поддршка од нас“, рече шретседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

Данило Брестовац смета дека за него е вистинско време да биде селектор на Македонија.

„Некои велеа дека ми е рано, јас мислам дека ми е времето. Благодарност до комисијата и до претседателот што одговорија позитивно на мојата кандидатура за селектор. Прифатив, затоа што мислам дека сум способен да одговорам на оваа функција. Сето она што е позади мене ми дава за право да дојдам до остварување на овој мој професионален сон, да бидам на чело на македонската репрезентација. Со некои од овие репрезентативци сум делел соблекувална, младите веќе ги познавам, така што мислам дека полесно ќе ја направам таа фузија на повозрасните и младите кои досега сум ги селектирал. Мислам дека имаме еден добар период за да создадеме репрезентација на која ќе се гордееме и да успееме дури да ги престигнеме досегашните резултати на репрезентацијата. Ве молам за малку време, за да го формирам мојот стручен штаб. Веќе од утре ќе почнам да разговарам со потенцијалните соработници“, изјави Данило Брестовац.