Илјадници индиции за можни воени злосторства меѓу мигрантите игнорирани во Германија

Илјадници информации за можни сторени воени злосторства меѓу имигрантите кои влегле во Германија во текот на масовниот прилив меѓу 2015 и 2016 година очигледно биле необработени, е податокот содржан во одговорот на министерството за внатрешни работи на парламентарно барање, кое на увид го имала во четвртокот агенцијата DPA.

Во одговорот се наведува дека Сојузното биро за миграции и бегалци (BAMF) проследило околу 5.000 информации во врска со „злосторства според меѓународното право“ до Сојузното биро за криминалистички истраги и до државниот обвинител од 2014 година до почетокот на 2019 година. Имало најмалку уште 210 такви информации и од други извори.

Меѓутоа, само во 129 случаи биле покренати истраги. Во периодот 2015/2016 година, кога кулминираше мигрантскиот прилив, имало 3.800 такви траги, но биле отворени само 28 истраги.

„Поради нивниот голем број полицијата не можеше веднаш да ги истражи тие индиции“, рекол портпаролот на министерството за внатрешни работи за весникот Bild. Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, од баварската Христијанско-социјална унија (CSU), истакнал дека овие информации „не се отфрлени“, туку се „проверени и сортирани според приоритетот“.

Пратеничката Линда Теутеберг од опозициската Партија на слободните демократи (FDP) која ги упатила споменатото парламентарно барање, предупреди: „Воените злосторници не смеат да добијат заштита во Германија. Имам дилема околу тоа дали сојузната валда се занимавала со тоа последните неколку години со неопходната сериозност“.

Во владиниот одговор, исто така, е наведено дека се осомничени 12 Германци, додека другите се осомничени од Сирија, Авганистан, Гамбија и Ирак.