Османи: Не постојат пречки за почеток на преговорите со ЕУ оваа година

Меѓу  Република Северна Македонија и Шпанија никогаш немало политички недоразбирања, напротив, поддршката за нашите европски интеграции од страна на Шпанија претставува континуитет кој ги прати нашите односи уште од самото осамостојување на земјата, истакна вицепремиерот Бујар Османи на средбата со министерот за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Кралството Шпанија, Луис Марко Агуириано Налда.

Како што соопштија од СЕП , заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Османи, кој престојува во работна посета на кралството Шпанија, реферирал и за динамиката на спроведување на реформите предвидени во План 18, особено во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, како основа за следниот извештај на Европската Комисија, за кои вицепремиерот изразил уверување дека по квалитет ќе го надмине минатогодишниот, и ќе обезбеди солидна основа пред јунските самити на Советот на ЕУ.

-Веќе не постои дилема дека политичките пречки за нашиот напредок се отстранети, а динамиката на реформската агенда ќе обезбеди чиста позиција за конфирмација на одлуката за почеток на преговори со ЕУ оваа година, заклучил Османи на средбата.