Жените не сакаат цвеќе и празни честитки еден ден во годината, тие бараат еднакви можности во сите општествени и јавни сфери, порача во празничната осмомартовска порака кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова кандидат за претседател на Република Македонија денес по повод 8-ми март Денот на жената присуствуваше на маршот во центарот на Скопје, а подоцна оствари кафе средба со младите и на крај ја посети населбата Ченто каде што се сретна со голем број на граѓани и пазарџии.
По повод празникот 8-ми март, Силјановска Давкова запраша дали е 8-март среќен и дали може да се гордееме на планот на женската еманципација и родовата еднаквост?
-Дали е празник, и дали имаме со што да се гордееме на планот на женската еманципација и родовата еднаквост? Премногу едноставно е да се одржи говор или да се напише пригодно писмо со кое ќе се порача дека на Македонија ѝ требаат силни и остварени жени. Потребна е акција, а тоа се виде на лицата на жените (и мажите) со кои денес марширав во центарот на Скопје. Жените не сакаат цвеќе и празни честитки еден ден во годината, тие бараат еднакви можности во сите општествени и јавни сфери, кажа Силјановска Давкова.
Таа потенцира дека лично се нафатила да се бори против еден стереотип за жените во политиката истакнувајќи дека жената со својата специфична природа и пристап кон проблемите може да биде силна и да го менува општеството.
-Жената, со својата специфична природа и пристап кон проблемите, може да биде силна и може да го менува општеството, ама и начинот на кој се води државата. Ние можеме! Македонија, политиката и Јустиција – сите се во женски род, вели Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова оствари средба со младите каде што на кафе муабет во кафичот Ла Петит разговараше за голем брј на прашања кои што ги засегаат младите во Република Макеоднија.
Подоцна Проф. д-р Силјановска Давкова го посети и пазарот во населбата Ченто каде што се сретна со голем број на пазарџии и граѓани.
Се сретнав со луѓе домаќини, загрижени за состојбите со економијата и со функционирањето на државата. Јас им ветив дека мојот избор ќе значи почеток на процесот на враќање на владеењето на правото за сите граѓани без исклучок. Моите ставови може да ги следите на оваа страница. Ширете го мојот глас насекаде затоа што тој води кон правда за Македонија, истакна Силјановска Давкова.