Ќе се поедностави обработката на царинските декларации и на акцизните документи

Ванчо Каргов, директорот на Царинската управа вели дека овој систем ќе ги поедностави и автоматизира административните процеси, ќе ја зголеми ефикасноста во спроведување на контролите, но и наплатата и ќе се забрза протокот на стока.

Денеска Царинската управа во соработка со Интрасофт интернешенел официјално ги презентираше развојните активности на Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД) .

„Од овој проект кој претставува инвестиција на Царинската управа, корист ќе имаат сите учесници во царинската постапка – трговци, царински органи на Република Македонија, други органи и општеството во целина“, рече Каргов.

Претставник од Интрасофт интернешенел кој воедно е и проект менаџер, Маркос Сиотис, го презентираше проектот што ќе овозможи непречен проток на електронски информации помеѓу сите учесници во процесот во царинските и акцизните постапки, преку поврзување на надворешниот, националниот и заедничкиот домен, како и на доменот на други владини институции.

Се очекува системот да биде целосно функционален во мај 2014 година, соопшти Царинската управа.