Во месноста Топлец, на влезот во Нов Дојран, почна градежниот зафат за поставување специјални шахти за мерно регулирачка опрема за подобрување на водоснабдувањето.
Од општинското јавно комунално претпријатие информираа дека пред стартот на летната туристичка сезона со овие шахти ќе се постигне регулирање на водата во цевководот, притисокот на водата и контрола на потрошувачката. Надлежните велат дека тоа ќе придонесе во иднина да се избегнат дефектите кои при недостиг на вода се јавуваа на територијата на цела општина, особено во летниот период.
За реализација на проектот ќе бидат потрошени околу 220.000 евра кои се обезбедени од Светската банка преку Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.
Извор: МИА