Бошњаковски: Не е наше да кажуваме кој е јазикот на населението во Грција кое не зборува грчки

Изјавата на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, дека грчките Македонци не зборуваат македонски јазик, е во контекст на членот 7 од Преспанскиот договор односно дека таму постојат етнички Грци кои се сметаат дека се дел од Хеленската цивилизација и се декларираат како Македонци, но зборуваат грчки, посочи денска владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Министерот Димитров го потенцираше член 7 од Договорот во Преспа. Таму е јасно наведено дека користењето на термините „Македонија“ и „Македонц“ има посебност за нас, посебност за Република Грција и нејзините граѓани. Во Грција постојат етнички Грци кои зборуваат грчки јазик кој се сметаат дека се дел од Хеленската цивилизација кои се декларираат како Македонци – рече портпаролот, давајќи и спротивен пример дека и лично тој е етнички Македонец, но со словенско потекло, посочи Бошњаковски.

Сепак, тој не одговори на каков јазик зборуваат родниците на Егејците кои живеат во денешна Грција, бидејќи, тоа, според него, би било мешање во внатрешните работи.

– Постои одредена категорија население во Грција која не зборува на грчки јазик, која говори на друг јазик. Не сме ние тие кои ќе детерминираме кој на каков јазик зборува бидејќи тоа ќе биде мешање на една држава во внатрешноста на друга – рече Бошњаковски.