Мицкоски: Владата да не се дрзнува на изборен фалсификат

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување во вестите на Сител телевизија ја предупреди владата да не се дрзнува на изборен фалсификат затоа што ќе се соочи со револтот на граѓаните, а со тој чекор може да се доведе во прашање иднината на државата.

Тој посочи дека владата не смее повторно да го злоупотребува правото на глас на граѓаните, како тоа што се случи на референдумот, кога се гласаше за 2,4 секунди, или пак во некои места имаше излезност од 95%, и додаде да не се злоупотребува државниот апарат за политички прогон и вештачки вработувања.

– Ако продолжи злоупотребата на државниот апарат, како тоа што се случуваше во изминативе денови, ако гледаме дека имаме политички прогон и притисоци и тој продолжува за време на изборната кампања. Ако гледаме дека имам вештачки вработувања во државната и локалната администрација тоа се само предуслови кои што на нас може да ни донесат одлука, во која не само ВМРО-ДПМНЕ туку и граѓаните во целост да пројават пркос и револт да не излезат во вт5ориот круг на претседателските избори, но тоа ќе биде лошо  и за државата и за евроатланските интеграции, истакна Мицкоски.

Токму затоа тој уште еднаш апелираше до власта да не ја злоупотребува моќта за да си поигрува со изборниот процес  и да не ја доведува во прашање иднината на Македонија и граѓаните.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изрази крајна разочараност и од реформските процеси во Македонија и истакна дека можно е Македонија и годинава да не добие датум за отпочнување на преговори со ЕУ. Тој вели дека многу лесно може да се случи уште едно фијаско на владата на Заев на полето на европските интеграции, слично со она што се случи минатата година кога се славеше добивање на датум кој Македонија впрочем никогаш не го доби.

-Ние сме крајно разочарани бидејќи ова што денес ни се случува во Република Македонија и врз основа на информациите кои што ги добиваме, може многу лесно да се случи уште едно фијаско на оваа влада, односно да не добиеме датум за отпочнување на преговорите со ЕУ во јуни месец оваа година. Што навистина ќе значи уште еден пораз за оваа влада. И уште еднашка ќе се потврдат сите оние наши претпоставки и стравувања дека Македонија не се движи во вистинска насока. Минатата година славевме за датум за добивање датум за отпочнување преговори видовме дека тоа не се случи дека е една лага. Гледаме дека оваа година повторно се бориме за еден таков датум, повторно стравувам дека истото тоа нема да се случи, вели Мицкоски.