Научниците од југозападната кинеска покраина Јунан го клонирале, како што велат, „Шерлок Холмс меѓу полициските кучиња трагачи“, во рамките на програмата чијашто цел е да се скрати времето за обуката и да се намалат трошоците за обуката на полициските песови, известуваат државните медиуми.
Песот трагач, наречен Кунксун, клониран е во сработка меѓу компанијата „Sinogene Biotechnology Company“ од Пекинг и Агрономскиот универзитет Јунан и со поддршка на Министерството за јавна безбедност, извести државниот весник на англиски јазик The Global Times.
Од управата на „Sinogene Biotechnology Company“ велат дека се надеваат оти на овој начин значително ќе го скусат времето за обука на кучињата трагачи. Според нивните сознанија обуката на клонови на вештите и обучените воено-полицски кучиња е многу полесно од онаа на обичните кучиња. Но трошоците за клонирањето сѐ уште претставуваат најголема пречка, рекол заменикот извршен директор на компанијата, Жао Џианпинг.
Пред Кунксун, кој сега има три месеца, претстои опсежна обука за откривање дроги, контрола на потенцијалните криумчари и криминалци, како и обука во областа на потрага по докази.
Службениот весник, кој исто така излегува на англиски јазик, The China Daily, пишува дека Кунксун ќе стане полноправен полициски пес кога ќе наврши десет месеци.
Обуката вообичаено трае околу пет години и чини дури 500.000 јуани, или околу 75.000 американски долари. Притоа нема никакви гаранции дека таа ќе биде успешна, велат стручњаците за обука на животни од Агрономскиот универзитет Јунан. Весникот не наведува колку во крајна линија ќе чини клонираниот пес.
Првото куче беше клонирано во 2005 година од страна на јужнокорејски научници, а две години подоцна оваа земја започна да ги ангажира клонираните ретривери на кои задача им е да ја надушкаат дрогата на царинските премини.