Унгарија е енергетски безбедна и доколку се случи гасна војна меѓу Русија и Украина

Унгарија преку соработката со рускиот енергетски гигант „Газпром“ ја осигурала својата енергетска безбедност со набавката на природен гас и за следната година, без оглед на можните нови гасни спорови меѓу Русија и Украина, изјави во петокот унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.

Доколку не биде продолжен договорот за транзит на гасот меѓу Москва и Киев, Унгарија во секој случај ќе биде обезбедена за следната година, изјави Сијарто за унгарската новинска агенција MTI.

„Прашањето на енергетската сигурност, исто така, доби геополитички тон имајќи предвид дека договорот за транзитот на гас меѓу Русија и Украина истекува кон крајот на оваа година, а сѐ уште не е потпишан нов договор. Тоа значи дека лесно би можело да се случи Русија повеќе да не го транспортира гасот на европскиот континент преку Украина. Мораме да се подготвиме за ова сценарио, бидејќи секогаш мораме да го имаме предвид најлошото можно сценарио кога ја планираме сигурноста на снабдувањето на земјата со енергија“, вели шефот на унгарската дипломатија и надворешна трговија.

Сијарто додава дека е постигнат договор меѓу „Газпром“ и Унгарија според кој руската компанија ќе ја снабдува оваа земја со пророден гас без оглед на тоа дали ќе биде склучен или не транзитниот договор меѓу Русија и Украина. Министерот објаснува дека Унгарија ќе може да купи извесно количество гас потребен за јавната и индустриската потрошувачка преку Австрија, како што направила и оваа година, а покрај тоа мораа да бидат искористени и унгарските капацитети за складирање. Истакнува дека Унгарија има на распполагање 6,3 милијарди кубни метри капацитети во резервоарите.

„Сега станува очигледно дека била добра одлуката да се изградат капацитетите за складирање“, истакнува Сијарто и додава дека во нив може да се складира доволно природен гас со што Унгарија е енергетски обезбедена и за следната година.

Министерот, исто така, вели дека со „Газпром“ е постигнат договор за тоа Унгарија да купува природен гас со цел да го складира во интерес на снабдувањето со гас во текот на идната година, а компанијата ќе го испорачува потребното количество.

„Тоа значи дека на крајот од годинава можеме да бидеме сигурни дека сигурноста на унгарското снабдување со природен гас за следната година е обезбедена и достапна“, вели Сијарто.
.
Вели и дека унгарската влада смета на уште еден јужен транзитен тек во интерес за осигурување на долгорочното снабдување. Истакнува дека „Газпром“ во соработка со Бугарија и Србија работи на овозможување на тоа гасот кој доаѓа преку гасоводот Турски рек, исто така, да доспева во Унгарија и Австрија.

„Унгарија ќе оствари минимални инфраструктурни проекти потребни за тоа на таков начин физичката можност за користење на новата рута да биде достапана веќе на почетокот од следната година“, вели Сијарто.