
Бугарската министерка за правда Цецка Цачева даде оставка откако медиумите објавија дека таа и уште тројца други официјални претставници на владејачката партија ГЕРБ купиле луксузни станови под пазарна цена, соопшти владата.
Цачева тврдеше дека таа не сторила ништо лошо и побара од антикорупциската комисија да го испита купувањето на луксузниот стан во Софија минатата година.
Премиерот Бојко Борисов ја прифати нејзината оставка на состанокот со министерката во саботата наутро. „Тие разговараа за купувањето на имотот што е поврзан со неа. Министерката Цачева ја предала својата оставка на премиерот и рече дека ова не сака да влијае врз работата на Владата“, се вели во соопштението на владата.
Антикорупциската комисија во петокот започна со истрага за купени станови од иста градежна компанија.
Денес даде оставка и заменик-министерот за спорт Вања Колева, додека претседателот на парламентарната група на ГЕРБ Цветан Цветанов, , тврди дека нема ништо спорно околу купувањето.
Скандалот изби порано оваа недела, откако бугарската редакција на Радио Слободна Европа и невладините организации за борба против корупцијата ги објавија резултатите од истрагата за купувањето на станови. Веста подоцна беше пренесена од сите други бугарски медиуми.
Скандалот ги разбесни граѓаните на најсиромашната членка на ЕУ, а Борисов претходно изјави дека секој што ќе го прекрши законот ќе мора да се сноси со последиците.
Аферата дојде во време кога политичките партии се подготвуваат за европските избори во мај. Анкетите покажуваат дека ГЕРБ има тесна предност над социјалистите.