
Фашизмот се враќа во Европа, изјави угледната француска аналитичарка и политиколог Сузан Жорж, за загрепски Глобус, во јануари годинава.
Во декември, минатата година, едно од најславните мислечки имиња на Европа денес, Умберто Еко, објави 10 точки за препознавање на Фашизмот како зло кое е пред нашиот двор. Премногу внимание на оваа тема во последно време, за да биде случајно.
Овие денови се обележуваше 9 Мај, денот кога во 1945 година официјално е победен фашизмот, пред се во Европа. Обележуваше, тешко дека може да се каже дека се прославуваше. Бидејќи, победниците Русија, САД, Британија и Франција се во кавга и годинава не ја славеа победата заедно… а Германија, како воен губитник, денес е мудриот во украинската криза, и држава со најголема перспектива во секој поглед.
Скарани се победниците заради кризата во Украина. Криза во која, без никаква задршка и двоумење, е активен фашизмот. Десниот сектор, како себе се нарекуваат денешните украински фашисти, запали 46 граѓани, невооружени цивили, во Домот на синдикатите во Одеса, само затоа што мирно собирале потписи за референдум кој е спротивен на нивните политички убедувања.
Фашизмот не признава референдум. Тој почитува наредба и сила потребна за да се натера граѓанинот на извршување. Се помеѓу наредбата и извршувањето е нивна акција.
Истите фашисти, неколку дена потоа, во петокот на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, го повторија истото сценарио. Овојпат во Мариупол, јужна Украина. Полицајците кои ја одбиле наредбата од Киев да пукаат врз граѓаните определени за федерализација, беа набиени во полициската станица врз која нацистите од Десниот сектор фрлија бензин, и ја запалија. Како и со Домот на синдикатите во Одеса. Полицајците, вежбани и организирани, се покажаа поотпорни од граѓаните во Одеса. Само двајца од нив настрадаа во пожарот, а останатите пукаа врз неонацистите и ги разбија пред да изгорат и самите.
Тоа е фашизам во најлошата форма, форма на вооружено насилство врз граѓаните со масовни смртни последици. Притоа, сторителите не се ни кријат, ниту се оградуваат од својата фашистичка идеологија: до облеката, симболите, изјавите, повикување на идеологии од луѓе кои биле лидери на фашизмот во, и по Втората светска војна.
Нивните ликови, акции, изјави… нивните убиства, пожари и бесења направени последниве недели не се осудуваат од Европа и САД, а Си-Ен-Ен, Ен-Би-Си, Би-Би-Си… и водечките глобални телевизии настаните ги игнорираат. Како да не постоеле.
А постојат. Тука се. Не се само телевизиите на Европа и САД единствените медиуми преку кои веста може да се пренесе. Денес секој граѓанин со мобилен е фото репортер.
Се молчи во Брисел и Вашингтон, и премолчува бруталниот фашизам, и вооружениот нацизам во Европа, затоа што се има заеднички непријател. Русија.
ОК. Видно е дека Брисел и Вашингтон ги покриваат и разводнуваат делата на украинските нацисти, за тие да вршат и завршат работа за нивните интереси. Како што беа покривани и заднински поддржувани исламските терористи од Ал Каеда за да го урнат и убијат Гадафи. И не само Гадафи, ги видовме во Јемен, Египет, Алжир… на иста задача.
Тоа е исто. Исто, ама нешто поинакво.
Ова, во Украина, е фашизам во Европа. Наш фашизам. Оној за кој пишуваат спомнатите на почетокот од текстов: Сузан Жорж и Умберто Еко. А и други слични на нив.
Има две можности: Вашингтон и Брисел, со попатно користење на украински нацисти и нивниот фашизам, да ја победат Москва во ова. Или, да загубат.
Ако ја победат, како учесници од првите редови, најактивни и најжестоки… се по масовни, вооружени и се по богати од рекетот и воениот плен… нацистите ќе побараат награда за своите воени заслуги во победата. И политичка, и секаква друга награда. Ако им ја дадат, тогаш и самите промовираат фашизам во Европа. Ако победат, а не ги наградат – ризикуваат нацистите да се свртат и против нив, особено против обичните граѓани и политичари, поддржувачи на Брисел и Вашингтон. Ако некој мисли: нека завршат сега работа, а после лесно ќе се справиме со нив, има погрешна математика. Со толку многу вооружени луѓе, склони на акција и злосторства, никој не се справил лесно.
Ако Брисел и Вашингтон, сепак, ја загубат битката во проектот, и за нивниот концепт на Украина, што ќе прават со нацистите потоа. Гневни, поразени и жртвувани се уште поопасни од занесот по, евентуалната, победа.
Затоа, она што се случува во Украина не е само нивна приказна. И наша е. Од исходот на нивните битки зависат и идните односи во Европа. Најпосле, поразот на Брисел во Украина без сомневање ќе донесе до сериозни, можеби и фатални разидувања и поделби во Европа. Победата на Брисел над Москва, исто така, ќе донесе сериозни проблеми, како промоција на фашизмот и смртоносниот нацизам.
Фашистите ги има и околу нас. Во Европа. Во Франција, не така одамна, фашистите се судрија со црнечкото население. Имаше и жртви. Се јавуваат во Австрија, Германија, Унгарија, Италија, Бугарија… силно десничарските политички партии и движења последниве десетина години добиваат се повеќе гласови на избори во земјите на Европската унија. Тоа е тенденција. Им фали победа во Украина.
Фашизмот, по дефиниција, се темели на исклучивост, насилно наметнување на сопствените вредности и критериуми, создавање и гонење предавници за сите кои имаат поинакви ставови и мислења, присвојување на државниот интерес како свој и наметнување дека само нивниот став е национален интерес, а сите други се предавнички. Фашизмот секогаш се крие зад групата: ние сме против тој. Ние сме сите, тој е сам.
Препознавате ли такви појави во Европа. Препознавате ли и кај нас.
Слушнете, и видете, што се случува на стадионите. Погледнете ги селата и етничките чистења по војната од 2001 година кај нас, или претходните кај соседите.
Никогаш не сум сакал да чујам, а сум чул, од мои колеги дека сите кои мислат поинаку се предавници на Македонија. Небаре, тие се кардиналите на евангелието, а сите други се неписмени неверници, кои треба или да се покрстат, или уништат. Без оглед дали авторите на таквите ставови се мои пријатели, или душмани… не се согласувам со тоа. Никој, ниту партија ниту новинар, ни граѓанин ни свештеник… нема тапија да кажува што е национален интерес, при што себе си доделува улога на заштитник на нацијата и државата, а на сите други улога на предавник кој треба да се изолира, и елиминира.
Живеевме во лоши времиња последниве децении. Војни, кризи, насилства… видовме дека редовно, зад самонаречените автори и бранители на националниот интерес на крај останува само – личниот интерес, и национализмот како професија и функција.
Во десетте точки на Умберто Еко, како да го препознаете фашизмот стои: прва точка е агресивното наметнување на традицијата како основна вредност. Нема дозволени промени. Третата точка е ирационалниот отпор кон учените, интелектуалците и мислечките луѓе кои одбираат пат на убедување, а не на присилување.
Четвртата точка е поставување на различниот став и мислење како предавство.
Во седмата точка Умберто Еко упатува дека фашизмот инсистира на постоење завери против нивната група, каква и да е таа: партија, нација, социјална класа…
Фашистите се во постојана борба против некого, и нешто. Непријателот лесно се пронаоѓа, а борбата е обврзувачка. Кај фашистите не постои борба за живот, пишува Умберто Еко во деветтата точка. Напротив, вели тој, за нив борбата е живот. Масата народ не може да создаде заедничка воља и акција, затоа тука е лидерот да ги постави целите, а неговите соработници и следбеници од тие цели да направат народно движење.
Препознавате ли колку, од ова, е околу вас. Тука е. Можеби ви требал некој Умберто Еко да го артикулира, формулира во препознатливи дефиниции…
Во слободните, либерални општества, човек работи и соработува со државата. Во фашизмот тој работи за неа. Соработката е привилегија за елитата. А елитата е држава.
Не е толку сложено како што изгледа на прв поглед. Размисли…
Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер