
„Праксата на ‘политички реваншизам‘ продолжува по кои било избори, посебно во образованието и детската заштита, при трансформацијата на работниот однос од определено на неопределено време и при изборот на кнадидатите, пишува во годишниот Извештај на Народниот правобранител за почитување на човековите права, објави Нова ТВ.
И покрај неможноста да се констатира неправилна примена на законите затоа што раководните органи се повикуваат на дискреционото право на избор, сепак останува впечатокот за злоупотреба на ова право при изборот на кандидати за вработување на определно работно време и констатациите од инспекцискиот надзори не не убедија дека на објавените конкурси се бираат лица со најдобри компетенции“, пишува во Извештајот.
Во однос на работничките права, за 60 проценти е зголемен бројот на поднесени претставки. Граѓаните најчесто бараат заштита од Правобранителот во постапките при вработување, исплата на платии други надоместоци, откази и распоредување на пониски платени работни места.
Социјалната заштита која ја добиваат социјално загрозените лица е далеку од сумата со која можат да се задоволат реалните потреби на граѓаните. Центрите за социјална работа ја продолжуваат праксата да носат решенија за престанок на право ако се утврди дека корисникот има остварено приход без да увидат дали се работи за износ кој навистина може да придонесе за промена на состојбата на ризик во која се наоѓа лицето.
„Насилството меѓу учениците е во подем, а училиштата не успеваат ефикасно да се справат и загрижува што некои училишта на насилното однесување на децата гледаат како на детска игра“, заклучува Народниот правобранител, при што укажува дека состојбата со правата на децата воопшто, е алармантна.
Во градинките само делумно се почитуваат стандардите за бројност на групите, просторни услови и опременост на градинките кои имаат потреба од ангажирање на дефектолози и обуки на воспитувачите за работа со деца со попреченост. Третманот со овие деца и натаму се сведува само на згрижување, а отсуствува воспитната компонента.
Исто така Парвобранителот наведува дека е алармантен и се поголемиот број на абортуси и раѓање од деца кои забременуваат во вонбрачна заедница.
За децата сместени во згрижувачки семејства, правобранителот бара редовно мониторирање од моментот на прифаќање на детето.
Извештајот за почитување и повреди на човековите права, Народниот правобранител ќе го достави до Собранието.