Се отвора втора фабрика Ван Хол

Премиерот Никола Груевски,министерот Веле Самак, заедно со високи претставници од Ван Хол и од Владата на Република Македонија, ќе присуствува на свечното отворање на Белгиската фабрика за производство на автобуси. Оваа фабрика е прва кој е изградена во Технолошко Индустриската Развојна Зона Скопје 2.

Белгиската фамилијарна фирма Ван Хол, во 2012-та година донесе одлука да инвестира во Република Македонија во прва фабрика за производство надвор од нивната матична земја, Белгија. Истата година, претставниците на фирмата, заедно со Министерот Самак и Премиерот Никола Груевски присуствуваа на камен темелникот на оваа фабрика кој следеше после потпишување на договор за инвестирање.

Според деловниот план, Ван Хол во Македонија веќе има инвестирано 25 милиони евра во фабрика од 37,000 м2, која денес е втора најголема гринфилд фабрика во Македонија. Во овој погон работат 430 вработени и веќе се извезени над 120 автобуси на Америчките пазари. На денешниот настан кратко обраќање ќе имаат Филип Ван Хол, извршен директор, Вице Премиерот Владимир Пешевски, Министерот Веле Самак, Директорот на агенцијата за странски инвестиции Висар Фида, и Премиерот Никола Груевски.

„Со оваа нова фабрика за автобуси која претставува сплотување на Белгиски дизајн со Македонски ракотвор прославуваме обнова на Македонската индустрија. Ван Хол е врвен бренд на автобуси кој го уживаат бројни патници низ Америка, поготово фирми како Дизни, Фејсбук, Гугл, и бројни туристички оператори. Вработените во Скопје, кои очекуваме во блиска иднина да бидат придружени од бројни партнери и кооперанти низ Македонија, ставаат гордост на терминот – Made in Macedonia„ – истакна министерот Веле Самак кој од 2009-та година ги водеше преговорите со фирмата Ван Хол.

Ван Хол е белгиска фамилијарна фирма за производство на автобуси и камионски приколки основана во 1947 година. Фирмата, која има репутација за врвен дизајн и квалитет, има над 4500 вработени и годишно произведува над 1700 автобуси и повеќе од 5000 приколки.