Британскиот парламент по третпат го одби планот за брегзитот, Меј предупреди на тешки последици

Британскиот парламент во петокот по третпат го одби договорот за истапувањето на Обединетото Кралство од Европската унија кој премиерката Тереза Меј го постигна ланскиот ноември со Брисел, и тоа со 344 гласа „против“ и 286 гласови „за“, а премиерката предупреди дека последиците од оваа одлука ќе бидат тешки.

Прифаќањето на договорот ќе значеше дека пратениците ќе имаа време до 22-ри мај, за да ги усогласат сите преостанати прашања за раздружувањето од ЕУ, а Велика Британија ќе го напушти блокот на уреден начин за помалку од два месеца. Ваквиот исход од гласањеот, пак, значи дека се зголемува ризикот од ткн „тврд брегзит“, односно напуштањето на ЕУ без договор

„Последиците од оваа одлука на Долниот дом ќе бидат сериозни и тешки. Велика Британија мора да ја напушти ЕУ на 12-ти април по само 14 дена. Нема доволно време да се усогласи или ратификува договорот, а Долниот дом претходно посочи дека нема да прифати излегување без договор. Така што преостанува да ги усогласиме алтернативните патишта за напредување, Во понеделник парламентот ќе го продолжи процесот за да се види дали има стабилно мнозинство за некоја алтернативна веријанта за договорот за излегување од ЕУ “, коментираше Меј истакнувајќи дека сценариото кој сега следува е брегзит без договор на 12-ти април.

Претходно ЕУ предупреди дека дококлку британските пратеници не го одобрат договорот до крајот на седмицава, Британија ќе ја напушти Унијата на 12-ти април. Другата можност е учеството на Велика Британија на изборите за Европскиот парламент кон крајот на мај, што би значело продолжување на преговорите за брегзитот до крајот на годианва или уште подолго.

Европската комисија, исто така, објави дека сегаја најверојатното сценарио за британското излегување од ЕУ е брегзит без договор, изразувајќи жалење порди фактот дека британскиот парламент и по третпат го одби текстот на договорот.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, веднаш по гласањето во Лондон за 10-ти април го закажа вонредниот самит на Европската унија. „Во светлината на отфрлањето на договроот за излегувањето во британскиот парламент, одлучив да го свикат Европскиот совет за 10-ти април. Брегзит!“, напиша Туск на Twitter.